Како да се подготвите за интервју на Скајп?
Доколку аплицирате за работа на брод или во некоја од прекуокеанските земји, голема е веројатноста дека вашиот иден потенцијален работодавач ќе сака да ве запознае, а најлесниот начин за тоа е преку Скајп.
Време е да се подготвите за интервјуто кое треба да го сфатите подеднакво сериозно како и секое стандардно интервју на кое сте биле досега. Всушност, вистината е дека за интервјуто преку Скајп треба да посветите огромна доза внимание и да се подготвите дури и малку повеќе.
Следете ги следните 9 инструкции и со сигурност ќе постигнете успех:
Не измислувајте изговори
Доколку условот е да ве интервјуираат на Скајп, а вие одговорите дека имате слаба интернет конекција, повеќе би сакале да се слушнете на телефон или воопшто немате Скајп, знајте дека правите грешка од самиот старт.
Веднаш кажавте НЕ, уште пред да започне интервјуто. Што кажува тоа за вас како личност и работник? Доколку ја сакате работата, треба да бидете сериозни и да пронајдете начин, макар навистина немале Скајп.
Потрудете се корисничкото име да биде професионално
Ова е делот во кој нема потреба да ја истакнете вашата креативност. Напротив, бидете досадни! Логирајте се на Скајп со вашето име и презиме. Кој работодавач сака да ѝ прави интервју на SweetBaby или на SexyBadBoy?
Облечете се прикладно
Во ред, не мора да се претерува со свечен костум или нешто дречливо или светкаво, но не можете да го правите интервјуто на Скајп облечени во некоја стара маица или дуксер. Облечете нешто пристојно и комфорно, и нормално – задолжително средете ги косата и ноктите. Проверете да не имате нешто на забите пред да започне интервјуто.
Внимавајте што има позади вас
Без разлика дали сте во вашата соба, спалната или трпезаријата, размислувајте за позадината, бидејќи работодавачот ве гледа вас, но и она што е позади и околу вас. Кој сака да види планина немиени садови или валкани алишта обесени на столчето? Најдобро ќе биде да закачите еднобојна ткаенина во вид на платно позади вас.
Користете слушалки со микрофон
Дајте им предност на слушалките со микрофон, отколку на два одделни гаџети – посебни слушалки, посебен микрофон. Воедно, никогаш не ослонувајте се само на вградената камера и микрофон на лаптопот, секогаш имајте резервен план доколку нешто тргне наопаку.
Одржувајте контакт со очите
Колку и да ви изгледа чудно, за време на интервјуто на Скајп гледајте директно во камерата, не во екранот. На тој начин ќе изгледа дека сте повеќе присутни во моментот и дека обрнувате внимание. Кога ќе се фокусирате на камерата, шансите да сакате да се ѕирнете како изгледате во малиот долен агол се помалечки.
Пред да започнете со интервјуто, испробајте повеќе агли на снимање и проценете од кој агол изгледате најдобро.
Смирено соочете се со техничките проблеми
Некогаш колку и да се трудиме работите одат наопаку и работодавачот е свесен за тој факт. Дури и да снема интернет или да се случи некој друг технички проблем, останете смирени и насмеани и пронајдете решение. Прекинете го повикот и обидете се повторно, наместо да урлате или да пцуете. Ако ништо друго, работодавачот барем ќе го види вашиот потенцијал за справување во кризни и стресни ситуации.
Задолжително направете проба пред интервјуто
Или две проби. Или десетина. Нема никаква штета. Испробајте ја камерата, слушалките и звучникот со некој од пријателите. Замолете ги да ви кажат како изгледате и дали добро се слушате, какво е осветлувањето и целокупниот изглед и ефект.
Елиминирајте ги прекинувањата
Исклучете го мобилниот телефон и предупредете ги вашите најблиски да бидат тивки. Доколку имате милениче или бебе, дислоцирајте го во друга просторија или замолете некој да го почува.
(O)Милена | Црнобело