5 совети кои ќе ви помогнат да го надминете неуспехот
Како и се останато во природата, така и ние луѓето сме подложни на грешки кои што знаат да доведат привремен неуспех.
Но, ако не ги правиме тие грешки нема како да научиме да ја играме сложената игра со многу правила наречена „живот“.
Како и секогаш, она што настанало од нашите грешки може да биде исправено со нашите правилни постапки, па затоа:
Престанете со опсесијата за штотуку случениот неуспех
Ако одите одново и одново преиспитувајќи го вашиот неуспех, тоа нема да го смени фактот дека тој се случил. Всушност на тој начин сè повеќе и повеќе ќе запаѓате во непрестајна јамка на депресија која ќе ви оневозможи да продолжите понатаму.
Треба да сфатите дека не можете да го смените минатото, но треба да знаете дека можете и тоа како да си креирате прекрасна иднина. Колку побрзо преземете чекор напред, толку побрзо ќе ги оставите мислите кои ве депримираат, зад вас.
Преземете акција, научете и адаптирајте се
Секогаш кога ќе доживеете неуспех гледајте на него аналитички или со љубопитност, притоа уништувајќи го секое чувство на бес, фрустрација, вина или жалење.
Размислете зошто не сте успеале и дали постоел начин со кој вие сте можеле да добиете подобар излез од дадената ситуација. Откако сето тоа ќе го анализирате, запрашајте се што е она што сте научиле од тој неуспех.
Размислете како сè она што сте го понеле како искуство можете да го имплементирате понатаму во предизвиците кои ви претстојат.
Не го сфаќајте неуспехот лично
Одделете го неуспехот од вашиот идентитет. Ако сè уште не сте пронашле успешен начин да ги завршите работите во вашиот живот, тоа не значи дека вие сте апсолутни губитници. Иако овие две мисли се две сосема различни работи, сепак многумина од нас ги сметаат за едно исто, а кога ќе ги помешате тоа може да предизвика хаос во вашата самодоверба.
Постои една приказна за човек кој:
- не успеал во бизнисот кога имал 21 година;
- повторно не успеал во бизнисот на 24 години;
- ја преживеал смртта на неговата вереница на 26 години;
- доживеал нервен слом на 27 години;
- изгубил во трката за конгресмен на 34 години;
- исто така изгубил во трката за сенатор на 45 години;
- не успеал да стане потпретседател на 47 години;
- изгубил во трката за сенатор на 49 години;
- за да на крајот да биде избран за претседател на САД на свои 52 години.
Тоа е човекот чие име денес го знае секој - Абрахам Линколн, кој не дозволил неуспехот да ја дефинира неговата индивидуа.
Сменете ја вашата перспектива
Нашето воспитување како луѓе и професионалци ни дава несоодветно однесување кон неуспехот.
Една од најдобрите работи што можеме да ја направиме е да ја промениме нашата перспектива и да веруваме во себе, оставајќи ги негативните мисли зад себе.
Tаквите мисли секогаш постојат: „Ако не успеам, тоа значи дека сум глупав, слаб и мене не ми е судено да правам големи работи во животот”.
Па, наместо да го губите времето залудно креирајќи слични мисли во вашата глава посветете се на креирање мисли кои ќе ви помогнат да изградите прекрасна иднина: „Мојот неуспех е само еден чекор до следниот успех, сега ќе биде полесно поради искуството кое го добив со ова мало застранување од она што го посакувам“.
Ако запрашате успешна личност, сигурно ќе ви каже барем една одлична приказна за неуспехот.
Сите оние кои научиле како да се издигнат биле соочени со неуспех. Тоа е она што треба да биде мотиватор, учител, „отскочна даска“ на патот до успехот. Единствено нешто што треба да направите е да не се откажете.
Не плашете се од осудувања
Често лошиот период после неуспех е причина за осудувањето кое доаѓа од општеството, а можеби некогаш и од нашите најблиски. Честопати лесно дозволуваме да помислиме дека ќе ја изгубиме почитта или нашата позиција во општеството заради нашите неуспеси.
Тоа е една од работите кои никогаш не треба да ги дозволиме.
На крајот на денот ова е наш живот во кој не треба да ни биде грижа што велат останатите, бидејќи не секогаш она што е кажано е вистината за нас.
Затоа, наместо да им даваме моќ на луѓето која не ја заслужуваат, треба да научиме сопствениот неуспех да го претвориме во сопствен успех, за да барем на кратко да им ги затвориме злобните усти и да им дадеме прилика да не мразат.
Честопати знаат да кажат дека оној кој работи, тој и греши, затоа неуспехот е составен дел на нашето секојдневие. Но, успешните луѓе го надминуваат борејќи се за сопствениот успех, а оние неуспешните го прифаќаат како судбина и живеат со помислата дека тие не можат да успеат.
Тоа е една од мислите која е апсолутна контрадикција на човековото постоење. Затоа, немојте да дозволите токму таа да се најде во вашата глава.
Н. Буџак | Црнобело