28-годишна девојка чува свиња како миленик: „Сите мислат дека сме луди“
Симон Партнер е 28-годишна јутуберка со навистина необично милениче - таа чува свиња која тежи 80 килограми.
28-годишната Симон Партнер пораснала на фарма на која имало и свињи. Веројатно поради тоа, уште тогаш ѝ се родила желба еден ден и таа да чува свиња, но како милениче.
Пред три години, кога си купила куќа, Симон конечно имала можност да си ја исполни желбата, па си го купила прасето Мајло, за кое платила 500 фунти.
Нормално, Мајло пораснал, па денес е огромно животно кое тежи 80 килограми, а Симон сè уште го чува.
„Луѓето мислат дека сме луди, особено кога го гледаат како трча среќно низ дворот. Но, повеќето се фасцинирани од Мајло и секогаш бараат да дојдат кај мене и да го видат“, вели Симон која е блогерка и јутуберка.
Наводно, едно од најчестите прашања што ѝ ги поставувале е дали го шета како куче, но според Симон, за ова била потребна посебна дозвола.
Иако Мајло е таканаречена „микро свиња“, тој сепак е многу голем – нешто на коешто многу луѓе не помислуваат. Симон вели дека иако се „микро свињи“, и овие животни растат големи.
„Уште на почетокот знаев колкав ќе порасне. Луѓето треба добро да проверат пред да одлучат да купат свиња како милениче. Не постои свиња со мал раст и наивно е да ја купите и да мислите дека ќе остане мала, и да се лутите кога ќе порасне“.
Моментално, Симон чува и куче, а ако имала услови во иднина, дефинитивно ќе земе барем уште една свиња за да му прави друштво на Мајло.
Свињите се животни кои јадат сè, но Мајло има посебна исхрана што ја сочинуваат овошје и зеленчук. Тој спие во градината, но бидејќи бил дресиран, има дозвола да влегува и во домот.
„Сака да спие на каучот, веднаш до перниците, со неговото ќебе и неговите играчки. Некогаш може да спие таму со часови. Навистина има убав живот“, вели Симон.
Покрај Мајло, Симон живее и со нејзиниот вереник Џо, кој исто сериозно си ја сфатил грижата за необичното милениче. Интересно е што парот дури престанал да јаде сланина, само поради нивното милениче.
„Не можеме ни да погледнеме сендвич со сланина или какво било свинско месо. Едноставно ни изгледа погрешно“, споделува Симон.
Сепак, како и секое милениче, и Мајло си носел свои предизвици.
„Мајло има само неколку досадни навики – кога си ги чисти забите и кога испушта звуци додека спие. Понекогаш звучи како перална, па може да те изнервира“.
Интересно е што Мајло многу сакал да се сонча и постојано лежел на сонцето, па поради тоа Симон му ставала заштитен крем.
„Како турист е и мораме постојано да му ставаме заштитен крем за да не изгори“.
Еднаш имале и незгодна ситуација – Мајло им избегал:
„Само што се преселивме и бевме до продавница, кога Мајло успеал да ни избега низ портата. Веројатно барал храна и отишол на улицата, но за среќа го здогледало едно семејство, па повикаа полиција.
Кога стигнале полицајците, се обидувале да го стават во автомобилот, но тој се противел. Во меѓувреме, ние сфативме дека избегал и почнавме да го бараме. Потоа видовме онлајн објава каде што го бараат сопственикот на Мајло, па успеавме да го најдеме“.
Симон се надева дека нејзината приказна ќе ги натера луѓето да го сменат мислењето за свињите и да сфатат дека тие се прекрасни животни.
„Свињите се неверојатни миленици и се многу интелигентни. Имаат свој карактер и се многу комуникативни со луѓето“, вели таа.