„Време е да ги разбудам ова слугиве, да ме нахранат“ - 24 часа од дневникот на еден мачор
„Драг дневнику, денес се разбудив во 4 часот наутро и трчав низ станот половина час без престан, без никаква причина. На ова, моите поданици реагираа со навредливи зборови, тотално недолични на мојата величественост.“
Како изгледаат 24-те часа во денот кога си мачка?
4:30 - Поданиците сè уште спијат, изгледа дека моето гласно трчање и викање низ станот не беше доволно за да ги разбудам... Ќе мора да се потрудам повеќе. Ќе мора да го правам истото тоа, но од поблиску.
5:04 - Сè уште ништо. Спијат и око не им трепнува. Мојата чинија е полупразна, веројатно ова е крајот. Мора да се обидам повторно да ги разбудам храначите.
5:28 - Тактиката беше успешна, женскиот хранач стана и ме нахрани... Знаев дека ќе попушти... Време е да изедам две залчиња и повторно да трчам низ станот.
6:01 - Време е да ги разбудам ова слугиве. Ако ги оставам да поспијат уште малку, сигурно ќе задоцнат за на работа.
6:29 - Планот „седење врз дишни патишта“ може да започне. Ова е многу опасен план, мора да предам додека го правам тоа, бидејќи ако не, ќе се разбудат лути.
7:36 - Моите поданици отидоа на работа, може да се наспијам на раат.
9:14 - Веќе некое време има една мува која ми оди на нерви. Ќе пробам да помавтам со опашот уште малку, може ќе се исплаши и ќе ме остави на мира.
9:51 - Мавтањето со опашот не беше доволно, мораше да станам и да употребам сила. Метата беше елиминирана, па заедно со уште две други муви, и три пеперутки, ќе има што да ги почастам моите верни храначи.
10:02 - Изедов половина од полната чинија, се надевам дека ќе се вратат луѓево до следниот мој оброк, ако не, ќе треба да најдам начин да им ја растурам кујната - Мора некако да си ја научат лекцијата.
12:31 - Кујната е растурена. По напорната работа, време е да одморам уште малку.
14:42 - Уште ги нема. Можеби треба да видам во каква состојба е тоалетот.
14:43 - Опааа хартија, време е за забава!
15:56 - Уф, кај и да е, ќе се вратат од работа луѓево, ајде да дојадам на брзина и да изгледам гладен кога ќе дојдат.
16:32 - Кај сте вие до сега? Цел ден ништо немам јадено! Се надевам дека хаосот во кујната и тоалетот ќе ве научат вредна лекција за во иднина!
16:33 - Баткооо! Бацеее! Батее! Дај бе отвори врата, ладно е надвор... Лаат кучиња, страв ми е. Човече дај те молам, не е смешно више!
16:34 - Теткее! Дадичкеее! Дадооо! Ало бре! Не ме сликај! Не е смешно ова, дајте пуштете ме да влезам, храната ми е внатре!
16:36 - МЈАУУУУ! МЈАУУУУ! МЈАУУУ! УЗБУНААА!!! ПОМОШ!!! ПОМОШ ЛУЃЕ!!! Викајте ги Анима мунди! Ова е кршење на мачешките права! Цели 5 минути сум надвор! МЈАУУУУУ!
16:51 - Е среќа ви текна да ми отворите... Срам да ви е... Ааа јадете а? Чекај задникот да си го замијам до вашата трпеза...
17:39 - Црвената точка повторно се појави на ѕидот. Ова е веќе 51-ви ден како се појавува ова чудно суштество. Мора да ја фатам оваа црвена точка пред да настрада некој.
18:03 - Некој ме повика преку отварање на фрижидерот. Мора да побрзам и да проверам што има внатре.
18:23 - Лееееле пак заспаа овие... Ако, водава во лавабо е далеку поубава од онаа во мојата чинија. Опааа некој заборавил да ја покрие храната... Меееех, салата е... Кој сака тоа да јаде?
19:01 - Машкиот поданик ми се обрати со „мјау“... Не знам каде и од кого научил да зборува на мојот јазик, меѓутоа тоа што го кажа не е баш најразбирливо... Сигурно е на некој дијалект.
19:25 - Човеку гледам ми седиш на моето место... Ќе дојдам до тебе и ќе предам, а ти треба да ме чешкаш, јасно? Внимавај каде ќе ме чешкаш, бидејќи еден погрешен потег може да биде фатален за твојата рака.
19:39 - Не научија и не научија... Ако ако, стави си ракија на прстот сега. Ако ти е, кога ме чешкаш за стомак.
20:14 - Време е да си дремнам малце. Мора да одморам за да имам сила за вечер.
22:56 - Ех, таман се разбудив, ќе си легнуваат слугиве... Штета... за нив!
00:19 - Спиев, јадев, се напив вода, време е да ги уловам сите инсекти кои влегле во моето кралство.
3:49 - БУДЕЊЕЕЕ! СТАНУВАЈТЕ СИТЕ!!! Време е за забава!
еНВи | Црнобело