Една причина плус зошто да чувате домашен миленик
Малите слатки крзнени пријателчиња кои само сакаат да си играат со вас се вистинскиот лек за релаксација во ова стресно време.
Истражувачи од универзитетите во Ливерпул, Манчестер и Саутхемптон заклучија дека милениците влијаат позитивно долгорочно на нашето ментално здравје.
Тие анализирале 17 интернационални истражувања за влијанието на крзнените пријатели врз луѓе со различни психолошки состојби.
„Грижата за друго живо суштество, кое секој ден ви покажува љубов, има терапевтско влијание“, е заклучокот од сите тие.
Вие сте постојано под притисокот на дигиталните медиуми и социјалните мрежи, а миленикот кој само сака да си игра со вас или пак бара да му дадете храна и ве лиже од среќа за возврат ве трга од тој стресен свет и ве враќа во реалноста.
Намаленото ниво на стрес во денешно време значи многу за долгорочните ефекти врз здравјето. Само една прегратка со миленикот ви лачи хормон на среќа.
Истражувачите велат дека ќе продолжат со анализа на податоците за да откријат како милениците им помагаат на луѓето со ментални проблеми.
С. С. | Црнобело