Озборувачи, онлајн критичари - Типови на луѓе кои ви ја разнишуваат самодовербата и како да се справите со нив
Воопшто не е лесно да ја изградите вашата самодоверба, но премногу е лесно некој да ја сруши. За некои луѓе доволен е еден злобен збор или една лоша критика за да почнат да се сомневаат во себе и своите способности.
Ако и вие се соочувате со ваков проблем, важно е да разберете што е причината за ваквото однесување на овие луѓе. Ако размислите, и самите ќе сфатите дека во повеќето случаи станува збор за луѓе со ниска самодоверба, кои со манипулација или слично однесување се обидуваат да си го подобрат мислењето за себе. Затоа, најчесто најдоброто решение е да ги игнорирате.
Погледнете кои видови луѓе ви ја рушат самодовербата и како да се справите со нив:
Песимисти кои секогаш го очекуваат најлошото
Воопшто не е лесно да се справите со песимист – штом ќе му кажете за некоја цел, тој веднаш ќе најде најмалку една причина поради која вашиот план нема да успее. Проблемот е што овие луѓе го гледаат негативното во буквално секоја ситуација. Дури и ако им кажете дека веќе сте успеале во замисленото, тие ќе ве предупредат дека нешто сигурно ќе тргне на лошо.
Бидејќи со песимист никогаш нема да излезете на крај, најдобро е со нив да не ги споделувате вашите планови, желби, цели и слично.
Луѓе кои оставаат навредливи коментари онлајн
Навредливите и коментарите полни со омраза се сè почеста појава на социјалните мрежи, најмногу поради анонимноста што ја нуди интернетот. Неретко луѓето кои пишуваат вакви коментари намерно ве провоцираат за да започнат караница. Проблемот е што додека нив можеби им е забавно, лошите зборови сигурно ќе имаат некакво негативно влијание врз вас.
Во овој случај, најдоброто за вас е целосно да ги игнорирате овие коментари. Ако станува збор за коментари на ваша објава, слободно избришете ги и заборавете на нив.
Луѓе кои ве обвинуваат за сè
Сосема во ред е некоја блиска личност да ви ги посочи грешките, но не за да ве повреди, туку со цел да ви помогне да поработите на нив. Но, ако станува збор за личност која постојано ве обвинува за сè и сешто, дури и нејзини проблеми, голема е веројатноста да почнете да се чувствувате виновно и лошо.
Во овие ситуации не заборавајте дека најверојатно станува збор за личност со ниска самодоверба, на која ѝ е тешко да се соочи со сопствените пропусти и грешки. Воопшто не се обидувајте да им удоволите на овие луѓе, бидејќи никогаш нема да успеете во тоа. Ако ова однесување се повторува често, размислете дали воопшто треба да се дружите со таа личност.
Луѓе кои сакаа да ве „заштитат“
Во овој случај личноста, без разлика дали партнер или пријател, ќе се обидува да ги контролира вашите постапки и да донесува одлуки наместо вас, наводно со цел да ве заштити.
Неретко овие луѓе користат манипулација за да ве натераат да го направите она што сакаат тие, притоа убедувајќи ве дека само сакаат да ве заштитат или дека ви го мислат најдоброто.
Ако сте со ваков партнер, добро размислете дали навистина се обидува да ве заштити или само сака да ве контролира. Потоа размислете дали заслужувате да бидете во таква врска. Истото важи и за односот со пријателите.