Девојка од Германија живее сама патувајќи со розово комбе низ Европа (фото)
„Можам да се разбудам во град, на плажа, во шума или на планина, изборот е мој“, вели Сузи (28) и додава дека обожава што може да направи денот да ѝ изгледа така како што таа сака.
Сузи Круз (28) од Дизелдорф, Германија, ја напуштила својата работа за да патува низ Европа сама со комбе.
Таа пред 3 години купила розово комбе Volkswagen T3 и го реновирала. Во него направила кревет и кујна и го спремила како свој мини дом.
Досега има минато 50.000 километри и посетено 10 земји. Вели дека го обожава својот нов животен стил.
Сепак, признава дека животот на пат понекогаш носи предизвици и, за жал, има доживеано сексуално вознемирување.
„Животот на пат е прекрасен, но не е без проблеми. Сум имала сообраќајни незгоди во кои некој ме удрил и избегал, а јас сум била сама, сум била сексуално вознемирувана, но јас сум упорна, отпорна и одлучна и продолжувам понатаму“, вели Сузи.
Таа вели дека патувајќи и живеејќи сама пораснала многу како личност.
Многу од работите во своето комбе ги реновирала и направила сама и со помош од своите пријатели. За жал, немала доволно пари за да направи и тоалет и туш во комбето, но вели дека успева да функционира и вака. Има соларни панели и фрижидер.
„Животот ми има побавно темпо сега. Јас одлучувам што ќе ми се случува во моите денови, што ќе правам и што сакам да правам. Едноставните работи како туширање и полнење вода ми одат побавно, но ми се допаѓа што живеам поинаку. Можам да се разбудам во град, на плажа, во шума или на планина, изборот е мој“, вели Сузи.