Како всушност ќе изгледа нашата прва средба со вонземјани?
Гледајќи научно фантастични филмови и серии, научивме што да очекуваме од вонземските форми на живот.
Во „Independence Day“ бевме нападнати од вонземјани, но се спасивме со поставување на компјутерски вирус во компјутерот на нивниот брод. Во „War of the Worlds“, пак, нашите вируси беа смртоносни за вонземјаните.
Но, научниците велат дека таквото портретирање на вонземјаните е нереално, а во вистинскиот живот можеме да очекуваме нешто сосема друго.
Како всушност ќе изгледа нашата прва средба со вонземјаните?
Вонземјаните нема да изгледаат како луѓе
За разлика од серијалот „Star Trek“, каде луѓето се разликуваат од другите видови само по својата фризура, вонземјаните што ќе ги сретнеме ние ќе бидат многу поразлични.
Со оглед на тоа дека тие се развиле во драстично поразлично опкружување од нас, најверојатно нема воопшто да личат на луѓето.
Нема да можеме да комуницираме со нив
Комуникацијата со животните се сведува на невербална комуникација, и тоа со само неколку видови (со кучиња или мајмуни, на пример).
Размената на информации со вонземјаните, кои можеби немаат исти сетила како нас (што ако се глуви и слепи?), веројатно ќе биде невозможна.
Нема да можеме да ја разбереме нивната технологија
Ако стапиме во контакт со технолошки понапреден вид, нема да можеме да ги разбереме уредите со кои ќе располагаат. Причината е еволуцијата на технологијата која се одвивала во сосема различни услови, прилагодени за одредена форма на живот.
Покрај тоа, ако некој навистина дојде, тоа ќе го стори со таква напредна технологија, што нашите најдобри научници ќе изгледаат како мајмуни со лаптопи.
Првиот контакт ќе го направат роботите
Патувањето во вселената е долг, опасен и мачен подвиг. Летот за Марс, на пример, ќе трае најмалку шест месеци, во еден правец.
Во овој поглед, роботите се далеку подобар избор. Присуството на човекот е сведено на престој во безбедна климатизирана контролна сала некаде на Земјата.
Доколку не сакаме или не сме подготвени за долги патувања, тогаш и другата страна можеби размислува на ист начин. Освен тоа, штом ќе се сретнат oвие два роботи во далечната иднина, можно е цивилизациите што ги испратиле, вклучувајќи ги и луѓето, со векови да бидат изумрени.
Ашера | Црнобело