30 минути помалку Фејсбук, 30 пати посреќен живот
Ајде да претпоставиме дека секојдневно поминувате половина час бесцелно „скролајќи“ на социјалните мрежи ( а поминувате многу повеќе); простата математика кажува дека тоа се 210 минути неделно, 10,920 минути годишно.
182 часа годишно потрошени залудно наместо да направите нешто продуктивно, нешто што ќе ве исполни и ќе ве направи среќни.
Предизвикот е следен: обидете се да не го чепкате телефонот половина час пред спиење и половина час откако ќе се разбудите. Зошто?! Затоа што времето нема цена.
Како бонус, еве што може да очекувате:
Нема постојано да брзате
30 добро искористени минути наутро може да значат многу повеќе од што мислите. Пред вас е долг работен ден, затоа наместо да ја менувате профилната слика додека сте се уште во пижами, осигурајте се дека добро ќе се подготвите пред да излезете од дома.
Фризура, гардероба, паричник, клучеви… Ќе имате време да си подготвите и ручек, па и да си ја спакувате опремата за вежбање за оној час по јога што одамна си го ветувате.
Ќе бидете поздрави
Наместо да посегнете по телефонот веднаш штом отворите очи наутро, станете, размрдајте се, прошетајте низ дома. Раздвижете се бидејќи тоа ќе ви помогне да се чувствувате поенергични во текот на целиот ден, а ќе бидете и мотивирани да донесувате поздрави одлуки.
Кафето за носење заменете го со здрав појадок што сами ќе си го подготвите и веднаш ќе ја согледате разликата.
Ќе бидете посамоуверени
Не велиме дека социјалните мрежи не служат за добро, напротив - таму пронаоѓаме инспирација, учиме од влијателни личности, следиме светски трендови. Но, да бидеме искрени а и реални - преплавени сме од фотографии на луѓе кои живеат за нас тешко достижен живот.
Се чини како да немаат никаков проблем во своето секојдневие и можат да си дозволат се што ќе посакаат. Нивното влијание е многу моќно и многу лесно може да не проголта; да не натера да заборавиме на тоа колку всушност неверојатни се нашите животи.
Ќе бидете посреќни
Очигледно е дека сите овие фактори ќе ве направат посреќна личност. Замислете да живеете живот во кој никогаш никаде не брзате, се храните и однесувате здраво и правите нешта што ве прават среќни. Тоа е и целта на нашето постоење, нели?
И замислете, сето тоа е возможно и на дофат; се што треба да направите е да престанете да се одвоите од мобилниот барем половина час дневно.
Иако тој е ваша втора кожа - тој ве буди, ве поврзува со другите луѓе, ви ги брои чекорите, ве заспива навечер, прилично скапо ви наплаќа за сето тоа. Мобилните телефони би требало да служат само за да го подобрат квалитетот на нашето живеење, наместо да ни создаваат потсвесен притисок.
А. Ш. | Црнобело