Зошто дозволуваме на блиските да нè ограничуваат и како да се ослободиме од тоа?
Никој не сака да биде ограничен, но сепак, во одреден момент сфаќа дека лесно се согласил дури и на многу повеќе ограничувања отколку што мислел дека ги има.
Колку пати сте се нашле во ситуација да бидете ограничени во некоја своја намера од родителите, партнерот, пријателите, браќата или сестрите? Колку пати самите сте се согласиле на тоа?
Нашата личност и физички и емотивно е поврзана со врските кои ги создаваме, најпрво со мајката, потоа со членовите од семејството, па како што растеме тој круг се шири. Но, со него се шират и ограничувањата кои си ги поставуваме поради другите, но и кои другите ни ги поставуваат бидејќи имаат очекувања за нашето однесување.
Зошто се согласуваме на ограничувања?
Од една страна, разумните ограничувања се она благодарение на што се развиваме во воспитани и умерени личности. Сосема е нормално тоа да го научиме од родителите и најблиските членови од семејството. Но, што се случува кога тоа ограничување остане и понатаму во животот?
Потребно е најпрво да се согледа од која личност доаѓа тоа ограничување и зошто мисли така. Отворениот разговор е неизоставен.
Постојат илјадници примери во кои родителите ја имаат запечатено иднината на своите деца, сугерирајќи им студии или работни места, па дури и друштво и љубовен партнер. Овие родители успеваат да ги убедат децата дека тие се оние кои најдобро знаат, без да размислат дека времињата и околностите се поинакви.
Страв од губење
Кога ограничувањата доаѓаат од пријател или партнер, многу често луѓето подлегнуваат сметајќи дека на тој начин го спасуваат односот и го прават подобар. Најчесто решението е да дадете до знаење дека тоа не ви одговара, па дури и по цена таа врска или пријателство да исчезнат.
Во здравите односи нема да имате ни потреба да ги прекинувате, дуку доволно е само да дадете до знаење дека тоа ограничување не ви одговара.
Подлегнувањето на ограничувања не е проблем на другите, туку наш. Во тоа лежи и решението. Вие сте тие кои треба да направите разлика меѓу здравото ограничување и она поради кое губите драгоцено време и мигови во животот.
Верувајте, вие сте тие кои на крајот на денот остануваат со себе, а секој друг може да биде минлив. Заземете го ставот бидејќи најважно од сè е вие да е чувствувате убаво со своите избори
Е. Д. | Црнобело