Животот е краток, Не можеш да им угодиш на сите - Работи кои ги учиме како што старееме
Со секоја измината година постојано созреваме и учиме нови работи кои претходно не сме ги забележувале. Колку и да се трудиш, не можеш да им се допаднеш на сите околу тебе. А нема ниту потреба.
Не можеш да ја спречиш смртта, ниту раѓањето на новиот живот. Животот е суров и краток, но неверојатно убав.
Кои се работите кои ги учиме како што старееме?
Животот е навистина многу краток
Ќе дојде момент кога ќе ги извадите сите убави чаши и чинии кои ги чувате за „некој ден“. Тој некој ден е денес. Ќе сфатите дека убавата постелнина, добриот порцелан и прибор за јадење се наменети за уживање и дека нема потреба да го чекате специјалниот ден да ги употребите.
Бидејќи секој ден е специјален ден. Затоа, уживајте. Животот е премногу краток за секое поинакво размислување.
Учиме работи додека сме живи
Доколку живеете со мислата дека знаете сè, верувајте дека не сте на вистинската патека. Учите секојдневно, учите додека сте живи. Секој ден среќавате нови луѓе и сите имаат да понудат некаква животна мудрост. Бидете отворени кон нови познанства и нови искуства. Пријатно ќе се изненадите од развојот на настаните.
Не можеме да им угодиме на сите
Мора да сфатите дека дури и душата да ја поделите на половина или пак да ги изнесете сите работи од дома со цел да ги подарите некому, пак ќе има луѓе кои ќе бидат незадоволни и неблагодарни.
Едноставно е – никогаш нема да им угодите на луѓето. Никогаш нема да ве сакаат сите. А нема ниту потреба. Најважно е да ве сакаат луѓето кои вистински ви значат.
Не можеме да се бориме против мајката природа
Можеме да направиме сè што ќе посакаме и замислиме, но не можеме да победиме во битката против природата. Не можеме да го контролираме времето и природните непогоди. Треба да бидеме благодарни само за сопственото здравје, и да се помириме со сè што е во рацете на природата.
Некои работи се менуваат, а некои вечно ќе останат исти
Во некои области забележуваме напредок, во други ни се чини дека еволуцијата тапка во место. Мораме да се соочиме со суровата вистина – некои работи нема да се сменат никогаш. Секогаш ќе постојат негативни луѓе кои ќе се расправаат за религија, политика и други бесмислени теми на кои не можеме да го пронајдеме вистинскиот одговор.
Како да се справите со нив? Игнорирајте ги. Оддалечете се од расправијата и пивнете си од пијалакот.
Понекогаш ќе ни се случуваат лоши работи
Во моментот кога ќе си помислите дека сè оди како подмачкано, животот ќе ве тресне од земјата и ќе ви се случи нешто неочекувано лошо. Не очајувајте, работите мора да се балансираат и животот со причина е скроен токму така.
Нема светлина без темнина, ниту виножито без дожд.
Храброста има многу лица
Храброста најретко доаѓа во доаѓа во обликот на физичка сила. Ќе ја препознаете во лицето на самохраниот родител, во другарот кој се бори со депресија, во пензионерот кој одвај преживува со најниската пензија.
Ќе научите дека постојат вистински храбри луѓе, вредни за восхит и почитување и дека тоа нема никаква врска со физичката сила.
Никој не ја знае нашата вистинска приказна
Понекогаш ќе слушнете невистинити, лоши муабети за вас. Тие секако имаат влијание, но не смеете да дозволите да ви го уништат денот или неделата. Никој не ја знае вашата вистинска приказна, освен вие самите.
Немате никаква потреба да се правдате некому, особено не на луѓе коишто не ги познавате и не ви значат апсолутно ништо.
Секогаш може да помогнеме некому
Без разлика дали ќе биде преку смс порака, некој вид на донација, или макар што ќе се понудите да ѝ помогнете на сосетката со носењето на торбите. Секогаш може да помогнете некому и да го направите светот едно поубаво место за живот, потребно е само да се има добра волја.
Каде и да сме, треба да сме присутни во моментот
Многумина од вас можеби се чувствуваат заглавени во оваа држава, во овој град, на ова работно место, со овие луѓе. Но, она што треба да се запамети е дека треба да сте присутни во моментот.
Каде и да сте, што и да правите, извадете го најдоброто од ситуацијата. Делувајте смирено, со позитивна мисла и насмевка. Работите ќе се подредат онака како што посакувате, потребно е само трпение.
(О)Милена | Црнобело