Огледалото има парчиња од нашите души, црна мачка е ѓавол: Приказната која се крие зад некои суеверија
Дури и да сте најскептичен човек на светот, сигурно има барем некоја ситница во која верувате.
Или пак, можеби сте од оние кои се опседнати со секакви суеверија и постојано се плашат да не скршат огледало или да не им помине црна мачка пред патот?
Општо познато е дека според таквите верувања кај народот, кршењето огледало значи несреќа, исто како и црната мачка, или поминувањето помеѓу бандери.
Но, дали некогаш сте се запрашале од каде потекнуваат овие верувања и зошто баш тоа го означуваат?
Во продолжение прочитајте ја приказната за неколку од нив:
Кршење огледало
Античките Римјани верувале дека огледалата содржат парчиња од нашата душа – па кршењето би означувало распарчување на нечие здравје и добросостојба.
За среќа, верувале дека душата се регенерира на секои 7 години, па затоа толкав е периодот во кој кршачот би бил несреќен пред повторно да се препороди.
Кажување „на здравје“ при кивање
Зевањето и кивањето се сметале за ризични активности во времето на Античките Римјани и Грци, па затоа кажувањето „на здравје“ е како штит против „испуштање“ на душата.
Отворање чадор во затворен простор
Античките Египјани верувале дека чадорите се кралски и дека нивната сенка е света. Тие биле правени од папирус и пердуви од паун, а дизајнирани по сличност со египетската божица на небото, Нут.
Сенката на чадорите затоа била света и резервирана за египетското благородништво, а секој друг кој ќе се обидел да стапне во просторот со сенка се сметал за грешен.
Затоа отворањето на чадор внатре било против природната намена и се сметало за навреда кон боговите.
Црна мачка
Во средниот век, луѓето ги поврзувале црните мачки со ѓавол, а потоа со сè поврзано со вештерки.
Поминување под скала
Ова суеверие исто така потекнува од Антички Египет, а се однесува на тоа што кога скалата е потпрена на ѕид создава форма на триаголник, што според нив било света форма и го означувале тројството на боговите, па да се помине низ таа форма било непочитување кон нив.
Чукање во дрво
Ова е паганско верување дека духовите и боговите живееле во дрвјата, па чукањето во дрво било обид да се повикаат на помош за добра среќа.
Детелина со 4 листа за среќа
Да се најде детелина со 4 листа е вистинска реткост и означува среќа за оној кој ќе ја најде, а потекнува од легенда која вели дека Ева, кога била протерана од Рајот, земала детелина со 4 листа за никогаш да не ја заборави Рајската градина. Други пак, го поврзувале тоа со крстот на Исус кој имал 4 краци, а 4-те листа симболизирале вера, надеж, љубов и среќа.
М. М. | Црнобело