Зошто се нервираме кога луѓето пред нас одат бавно и сакаме да ги „поминеме“?
Сигурно досега сте ја почувствувале нервозата кога сакате да се пробиете по тротоарот, а пред вас има две личности кои не само што го зафаќаат целиот простор, туку и се ужасно бавни.
Не сте единствени во ова, бидејќи нервозата поради луѓе кои бавно одат и ви го попречуваат патот е сè поприсутна и кај младите и кај возрасните луѓе. Ваквата појава се нарекува уште пешачки бес.
Секако, не може да се исклучи фактот дека некои личности навистина немаат култура и застануваат среде пат за да поразговараат или воопшто не гледаат дека некој сака да помине и ноншалантно зафаќаат цел тротоар со своето движење.
Дополнително овој проблем го зголемуваат непрописно паркирани возила на тротоарите, луѓе со пазарски колички кои не внимаваат каде ги влечат, огромни бебешки колички со големина на помал автомобил, велосипедисти кои не возат на обележаната патека или маси од локали кои нелегално направиле тераса таму каде треба да пешачат луѓе.
Но, од каде точно доаѓа овој бес?
Луѓето кои брзаат и кои се нервираат поради бавните, сметаат дека тие се оние кои се во право. Исто така, секогаш имаат забелешка за бавните луѓе дека не го знаат бонтонот за однесување на улица и дека е најдобро да се движат по едната страна, за да можат и да се разминат, но и да дозволат некој да ги престигне.
Според психолозите, ова се случува поради временските ограничувања кои самите си ги ставаме.
На пример, вие точно знаете колку време ви треба да стигнете од автобуската постојка до канцеларијата. Но, доколку пред вас се најде група луѓе која не можете да ја преминете или пак на скалите ви се испречи возрасна личност со торби и количка, кај вас се создава субјективно чувство дека доцните и дека непотребно губите време.
Ова, исто така, се должи и на вообичаените активности поради кои сме во состојба на „автопилот“ и секое нарушување едноставно, фрустрира.
Колку повеќе сме во таа состојба, толку повеќе нè нервираат пречките кои ни се појавуваат на патот кон замислената цел.
Од ова, може да се заклучи дека е подобро да внимавате на она што се случува околу вас, без да ги губите нервите. Исклучете се од автопилотот и ќе можете поразумно да ги планирате своите следни потези и движења.
Е. Д. | Црнобело