Тајната на среќниот живот? Правете си почесто шеги на своја сметка
Во што се состои тајната на среќниот живот? Очигледно, една од нив е да знаете како да си направите шеги на сопствена сметка. Веќе е докажано дека смеењето е добро за нашето здравје, но, кога станува збор за шеги упатени кон себе, тогаш е уште подобро.
Ова е последното откритие според научните истражувања спроведени во Шпанија од страна на група научници на Универзитетот во Гранада, чии резултати се објавени во престижното списание „Личност и индивидуални разлики“.
Според експертите, луѓето коишто имаат тенденција често пати да прават шеги на своја сметка и да ги нагласуваат своите недостатоци, немаат ниска самодоверба, ниту пак се склони кон депресија.
Напротив, тие во реалноста ја поседуваат тајната за среќа.
Истражувањето опфатило 1.068 волонтери на возраст помеѓу 18 и 65 години, кои учествувале во неколку тестирања од типот како се справувате со бесот, потоа анализирање на хуморот, личноста како и психофизичката благосостојба.
Истражувањата се фокусирале на четири типови на хумор, вклучувајќи ја и самоиронијата. Какви биле резултатите? Според експертите, оној кој се смее на себе е многу посреќен и има подобар животен стил од останатите кои не умеат да направат ваков тип на шеги, ниту пак уживаат во истите.
„Кога се смееме самите на себе не само што полесно се соочуваме со гневот“-открил Хорхе Торес Марин, еден од авторите на истражувањето, „туку процесот значително придонесува за психолошкото добро на личноста. На овој начин ја подобруваме и социјалната вклученост, односно интеракција“.
Од друга страна, смеата во сите нејзини форми има исцелителна моќ. Бројни истражувања и студии покажале дека смеењето е најекономичниот и наједноставниот лек за подобрување на физичката и менталната состојба. Во приватниот живот, како и во работата, смеењето може да ви помогне да бидете попродуктивни и да се чувствувате подобро.
Новите студии за самоиронија ги потврдуваат овие теории, докажувајќи ни дека сите ние имаме моќно оружје на располагање што треба да го научиме да го користиме за своето лично здравје.
(О)Милена | Црнобело