Зошто Кајли Џенер е лош пример за младите девојки?
Нема човек што не дозна дека старлетата Кајли Џенер родила девојче. Информацијата за нејзиното породување одекна пред неколку дена, предизвикувајќи вистинска медиумска сензација. Но, каква порака се испрати со тоа?
Најпопуларната „тинејџерка“ на светот стана мајка, по повеќемесечни шпекулации околу наводната бременост.
Mилионите нејзини обожавател(к)и воодушевено ја прифатија веста дека нивниот идол се има остварено во улогата на родител.
За својата слава и големо богатство, Кајли Џенер може да им се заблагодари првенствено на девојчињата и тинејџерките кои ја следат, сакаат да се облекуваат и шминкаат како нејзе, да се однесуваат како неа и да живеат како што таа живее.
Во колумната за Metro, новинарката и феминистка Сирена Бергман направи осврт на хистеријата која во последно време владее околу името на Кајли Џенер, но и целото семејство Кардашијан.
Таа изнесе низа аргументи и тврдења, кои јасно покажуваат каква погрешна порака (ин)директно им испрати старлетата на своите фанови од социјалните мрежи.
Всушност, таа е лош пример за младите девојки од самиот почеток на нејзиното јавно делување.
Кајли Џенер ги зголеми градите и усните пред да стане полнолетна, подгревајќи ги неразумните и нереални очекувања што се наметнуваат за женскиот пол, кога е убавината во прашање.
Притоа, смело се појавуваше во (пре)разголени и (пре)провокативни изданија, кои се непримерни за годините на една тинејџерка, давајќи му изразена сексуалнoст на својот изглед уште од рана возраст.
На 17 години, таа беше во врска со осум години постар маж. А, како шлаг на тортата, роди дете со само 20 години.
„Mладите девојки мора да тежнеат кон повисоки цели во животот, а не да бидат опседнати со физичкиот изглед, или, пак, да родат со навршени дваесет години по секоја цена.“, смета Бергман, додавајќи дека повеќето девојчиња кои ги впиваат пораките на Џенер, не се свесни што ќе им се случи ако го следат нејзиниот пример.
Кајли остана бремена на деветнаесетгодишна возраст, од момчето со кое се забавуваше околу месец дена. Со американскиот рапер Тревис Скот наводно се запознале на фестивалот Коачела, а недолго потоа и ја затруднел.
Иако важи за комплетно неважен лик во сапуницата за најпознатото семејство на светот, сепак важно е да се спомене дека тој веќе некое време има проблеми со законот.
Меѓутоа, во ерата на Инстаграм, каде виртуелната реалност и лајковите го обликуваат светот на новите генерации, Кајли е непогрешлива.
А, во суштина, секое имитирање на начинот на живот што таа го води и промовира, ним може драматично да им го искомплицира животот.
Особено родителството во раната младост, кое деновиве погрешно се прикажува и глорификува.
„Кајли е во привилегирана позиција. Не е сеедно дали ќе станете дваесетгодишна самохрана мајка, кога имате милиони на сметка и изграден бизнис, како и цела екипа од дадилки, или, пак, кога сте една сосема просечна девојка на иста возраст, која не е финансиски стабилна, ниту има толкава империја позади себе.“, истакнува Сирена.
Додека најмладата дама од кланот Кардашијан ќе биде во можност да води ист животен стил како порано, реалноста на мноштво млади мајки е сосема поразлично искуство.
Посебно за самохраните родители. На нивните плеќи натежнува сиот финансиски, емотивен и професионален товар за одгледување на детето.
За жал, многумина не можат сами да го издржат притисокот, а немаат никаква друга поткрепа.
Култот за Кајли Џенер е изграден на теоријата дека единствено е важно да бидете убави, да имате големи гради и усни, како и млади да родите дете. Но, дали навистина е така лесно?
М. А. | Црнобело