Викторијанската ера - време на вистинската кралска љубов помеѓу Викторија и Алберт
Историјата не секогаш е досадна. Има некои приказни од минатото кои можат да ни го задржат вниманието повеќе од оние кои сме ги учеле на училиште.
Неодамна дознавме нешто повеќе за кралот Едвард, а сега прочитајте нешто повеќе за кралицата Викторија и нејзиниот живот.
Пред 180 години, познатата Бакингемска палата станала дом на младата кралица Викторија. Сите сме навикнати да го гледаме кралското семејство како се појавува на фамозниот балкон, но оваа традиција почнала токму од кралицата Викторија, по иницијатива на нејзината голема љубов, Алберт.
Кога размислуваме за Велика Британија пред 180 години, прво што би ни паднало на ум е огромна сиромаштија, студ и загаденост од „познатите“ лондонски магли од кои умирале илјадници луѓе.
Но, постои една доза на гламур во која отсекогаш уживала кралското семејство.
Тие секогаш биле гледани како спасители на народот, како доказ дека се ќе биде во ред и дека има некој кој се грижи за доброто на нацијата.
Која била кралицата Викторија?
За секоја модерна жена приказната за кралицата Викторија е невообичаено интересна. Таа воопшто не била слична на сите останати хероини во тоа време.
Во делата од тоа време, жените се опишани како личности кои цело време страдаат и чекаат, но за разлика од сите нив, Викторија успеала да има невидена моќ на секое поле, па дури и во изборот на нејзиниот сопруг.
Нејзината судбина не зависела од понуда за брак, затоа што како кралица имала избор дали сака да се омажи или не.
Детството на кралицата било невообичаено меланхолично како што таа го опишува во својот дневник. Таа била воспитувана врз принципите на Кенсингтонскиот систем кој бил измислен од нејзината мајка, принцеза од Германија и нејзиниот советник.
Целта на системот била Викторија да биде под комплетно влијание од страна на нејзината мајка и нејзиниот советник, по смртта на таткото на Викторија. Но, правилата во системот биле толку строги што Викторија воопшто немала безгрижно детство.
Кога Викторија го наследила престолот, се преселила во Бакингемската палата, и првото нешто кое го побарала е да ги префрлат мајка ѝ и нејзиниот советник далеку во другиот дел на палатата каде што нема воопшто да ги гледа.
Кралицата Викторија го наследила престолот на само 18 години, а целиот нејзин живот пред да стане кралица го поминала во Кенсингтонската палата, каде што денес живеат Вилијам и Кејт со нивните две деца.
Љубовта помеѓу Викторија и Алберт
Во тоа време воопшто не биле чудни браковите помеѓу први братучеди. Така, Викторија останала воодушевена од нејзиниот прв братучед Алберт кој потекнувал од Германија. Само 5 дена по неговата посета во палатата, таа го запросила.
Алберт е познат по тоа што бил неверојатно заљубен и верен на неговата сопруга. Нивната приказна не е како ниту една друга од тоа време.
Викторија се заљубила во него во моментот кога танцувале заедно на балот кој таа го приредила. Таа му дала цвеќе кое било закачено на нејзиниот фустан, но тој бидејќи немал каде да го стави, земал мал нож, исекол еден дел од неговата кошула и го ставил цвеќето таму, за да го чува близу до срцето.
Викторија тогаш имала само 18 години и била многу заљубена во Алберт. Во нејзиниот дневник често пишувала за него, а зборовите се како на заљубена тинејџерка.
Таа денот на нејзината венчавка го опишува како најсреќниот ден во нејзиниот живот, а во нејзиниот дневник бил опишан вака:
“Мојот драг, драг Алберт седеше на стол веднаш до мене, и неговата прекумерна љубов ми даде чувство како на љубов од рајот и среќа како што никогаш не сум се ни надевала дека ќе почувствувам. Ме држеше во раце и ме бакнуваше одново и одново! Неговата убавина, неговата нежност - како да се заблагодарам некогаш што имам ваков сопруг!”
Викторија и Алберт имале 9 деца заедно, кои подоцна стапиле во брак со други престолонаследници насекаде низ Европа, што ѝ го донела на Викторија прекарот - „баба на Европа“.
По 21 година брак, Алберт починува од некоја вирусна инфекција која е проследена со голема температура. По неговата смрт, Викторија запаѓа во тешка депресија и не е видена со години во јавноста.
Луѓето почнале да ја нарекуваат жалната вдовица и почнале сериозно да замеруваат за тоа што не си ја вршела функцијата на кралица.
Нејзиното жалење е опишано во дневниците како и во писмата до нејзините деца - како најтешкото нешто што ѝ се случило во животот.
По што е позната Викторијанската ера?
Викторијанската ера е позната по индустриската револуција која била силно поддржана од принцот Алберт. За време на владеењето на кралицата, се произвеле првите локомотиви на пареа како и првите автомобили.
Тоа било време во кое жените носеле корсети и балски фустани, време во кое жените се пресоблекувале по 6 пати во денот, шминката се сметала за вулгарност, а луѓето се забавувале во театар.
Многу познати дизајнери како што е Lanvin почнале да постојат во тоа време кога биле првите почетоци на високата мода.
Средната класа била неверојатно богата после индустриската револуција и можела да си дозволи да има цела група на слуги во домот. На децата не им било дозволено да бидат гласни и повеќе време поминувале со дадилки отколку со родителите.
Во тоа време не постоело анестезија и луѓето често умирале на операции поради тоа што не можеле да ја издржат болката.
Обезбедувањето во палатата било на многу ниско ниво, така што често кралицата била посетувана од несакани натрапници. Едно момче тинејџер било опседнато со кралицата и често знаело да седи со денови во оџакот преку кој влегувал во палата и да се крие под нејзиниот кревет.
Тој многупати крадел некои нејзини лични предмети и облека, а кралицата преживеала и многу обиди за убиство за време на нејзините излегувања од палатата.
Во тоа време народот многу се огледувал на кралското семејство и нивниот збор бил многу значаен во политиката, а исто и за народот. Многу важни одлуки биле ставени во рацете на 18-годишната кралица, која успеала да се справи со тоа многу достоинствено и храбро.
По тоа е и позната кралицата Викторија - по нејзината неверојатна храброст да се справи со предизвици кои имаат голема тежина за девојка од 18 години.
Речиси сите нејзини претходници биле корумпирани и незаинтересирани за обичниот народ, за разлика од Викторија која направила голема револуција со нејзините милосрдни избори.
Викторијанската ера се смета како нов почеток во Велика Британија, време на огромни промени на чело со млада личност која разбира дека промените биле потребни.
За животот на Викторија има повеќе филмски адаптации, од кои најпопуларна е серијата „Викторија“, во која е опишан животот на кралицата во моментот кога стапува на престолот, проблемите кои ги имала со нејзината мајка, почетокот на љубовта со принцот Алберт и нејзиното целокупно владеење.
А. В. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





