Како правилно да ја перете облеката: Фармерките превртете ги наопаку, кожата потопете ја во топла вода
Иако перењето е процес кој машината сама си го извршува, наместо да пикнете сè одеднаш во неа, важно е внимателно да ја сортирате облеката и да ја наместите соодветната програма.
Ако досега фармерките ги перевте без да ги превртите или во меката свила не додававте малку оцет, овие совети конечно ќе ви ја олеснат работата и сочуваат облеката.
Тексас
Совршениот пар фармерки или тексас фустанчето нема да изгледаaт исто ако ги ставите за перење без претходно да ги превртите наопаку. Најдобро е тексасот да го перете поретко од останатата облека, на 40 степени и без премногу детергент. Избегнувајте да го сушите во машина затоа што лесно се тутка.
Кашмир
Џемперите од кашмир најдобро е да ги перете на рака. Наполнете еден леген со вода и наместо прашок, ставете бебешки шампон или сапун. Внимателно истријте го парчето облека. Кога ќе сакате да го исушите, никако не го закачувајте на жица со штипки за рамениците затоа што ќе се истегне и ќе го изгуби обликот. Наместо да го цедите, замотајте го во пешкир и почекајте неколку часа. Потоа префрлете го на сув пешкир и оставете да се суши легнат, на рамна површина.
Костими за капење
Заради хлорот или солта од водата, секој костим за капење мора да го исперете со ладна вода штом го соблечете за да не избледат боите. Препорачливо е да додадете неколку капки течен детергент во ладна вода и нежно да исплакнете. Избегнете го цедењето на костимот за капење затоа што на тој начин ластиците се опуштаат. Спротивно од верувањето, костимите за капење не смее да се сушат на сонце затоа што повторно се избледува бојата.
Градници
Заради нивниот мек материјал и чуден облик, градниците многу лесно се оштетуваат во машината за перење. Наместо тоа, се препорачува рачно перење со топла вода и неколку капки течен детергент кој не пени премногу. Исто како кај кашмирот, така и кај градниците избегнувајте рачно цедење заради жиците кои може да излезат, па наместо тоа замотајте ги во крпа или пешкир и оставете ги да се исушат природно. Никогаш не ги закачувајте за прерамките затоа што тие лесно ја губат еластичноста.
Свила
Секогаш перете ја свилената облека рачно, ако сакате да ја одржите во добра форма. Користете ладна вода, со мала количина на бебешки шампон или благ детергент. Потопете во вода околу 5 минути и тријте само ако има дамки. Во водата може да додадете и 3 лажици алкохолен оцет кој ќе го врати сјајот на ткаенината. Свилата никогаш не се суши на жица, туку се витка во ролна во мека крпа или пешкир. Задолжително пеглајте ја превртена наопаку, без пареа затоа што таа може да остави дамки.
Кожа
За сите кожни јакни и панталони кои се чудевте како да ги одржувате чисти без да се излупат, најдобро е да ги перете во топла вода. Потопете ги додека водата не се впие во нив, благо исцедете без многу виткање, а потоа сушете ги во машина. Оваа метода ќе спречи кожата да се рашири.
Дополнителни совети:
- Секогаш откопчувајте ги копчињата за да не дојде до кинење на облеката.
- Џемперите кои лесно се растегнуваат може да ги перете во навлака за перница за да го спречите губењето на обликот.
- За белите панталони користете избелувач кој е наменет за обоена облека. Така ќе се заштитите од жолтите флеки кои може да настанат.
- Јаките на кошулите прво намачкајте ги со бел шампон за коса пред да ги перете за да ја отстраните собраната маснотија и пот од нив.