Кои правила ги следат агентите на Американската тајна служба кога го штитат претседателот?
Некогаш му прават друштво на претседателот до тоалетот и ако тој сака да џогира во парк, мора да џогираат и тие. Кои други правила ги следат агентите на Тајната служба кои се задолжени за безбедноста на американските претседатели?
Американската тајна служба, позната и само како Тајна служба, е федерална агенција задолжена за криминални истраги и заштита на американските политички лидери и нивните семејства.
Од ова, станува јасно дека агентите кои се дел од Тајната служба имаат мошне одговорна позиција и треба да следат бројни строги правила.
Дел од овие правила во продолжение:
Некогаш треба да ја проверуваат храната на претседателот
Со години постоеја гласини дека американскиот претседател има личност задолжена да ја пробува храната пред тој да ја изеде, со цел да провери дали во неа има отров.
Нo, поранешен готвач во Белата куќа откри дека претседателот нема „пробувач на храна“ како што јавноста си замислува.
Туку, обично агенти од Тајната служба треба да ја проверуваат кујната во којашто се приготвува храната за да утврдат дали сè се одвива според протоколите.
Сепак, ова обично се случувало кога претседателот одел во друга држава или ресторан, бидејќи сите вработени во Белата куќа се луѓе кои поминале многу тестови и проверки пред да ја добијат позицијата.
Некогаш вежбаат заедно со претседателот
Задачата на овие агенти е да го заштитат претседателот. Па, ако тој (или таа) посака да џогира во парк, агентите се задолжени да трчаат со него.
За ова, има и забавна анегдота со претседателот Реган.
Имено, тој имал ранч со коњи и често одел да јава. Нормално, со него јавале и агентите.
Но, бидејќи Реган бил мошне добар јавач, на агентите им било особено тешко да го следат.
Претседателот Бил Клинтон, пак, редовно џогирал во јавност, па агентите морале да џогираат со него.
Притоа, со себе постојано морале да носат оружје и радио додека се обидувале да го пристигнат претседателот.
Некогаш треба да заштитуваат и други луѓе
Тајната служба почнала да се грижи за безбедноста на претседателот во 1901 година, по атентатот на Вилијам Макинли.
Низ годините, нивната заштита се проширила и на членовите на семејството на претседателот, заменик претседателот, другите претседателски кандидати, но и поранешни претседатели.
Истовремено, некогаш тие се задолжени и за безбедноста на лидери од други земји, особено ако е јасно дека се изложени на голем ризик.