Работи кои не треба да ги правите во кревет пред спиење (го нарушуваат сонот)
Пиете вода, гледате филм, работите… Кои се грешките што (веројатно) ги правите во кревет, пред спиење, а го нарушуваат сонот?
Сонот е навистина важен и за менталното, и за физичкото здравје, а има влијание и врз нашата продуктивност.
Но, доста често не е важно само колку часа спиеме, туку важен и квалитетот на сонот.
Кои грешки ви го нарушуваат сонот?
Чувате чаша вода покрај креветот
Најпрво, ако пиете многу вода пред спиење, во текот на ноќта голема е веројатноста да мора да станете за во тоалет.
Ако, пак, покрај креветот чувате чаша вода за да ја испиете во текот на ноќта или наутро, не заборавајте дека во неа ќе се собере прашина.
Доколку чувствувате жед навечер, потрудете се да пиете повеќе вода во текот на денот.
А, ако сепак морате да пиете вода во текот на ноќта, подобро е да ја ставите во термос или затворено шише.
Постојано проверувате колку е часот
Колкупати ви се случило да си легнете доцна, па да броите колку часови ви остануваат за спиење?
Ова ви создава непотребен стрес што, пак, може да ви го отежне заспивањето.
Го користите телефонот
Сигурно и самите имате забележано дека кога го корисните телефонот пред спиење, си легнувате подоцна.
Сината светлина што ја емитува телефонот, но и другите уреди со екрани, има влијание врз мелатонинот – хормонот кој ни помага да заспиеме.
Токму поради ова не е препорачливо да го користите телефонот во кревет.
Гледате телевизија
Ако имате навика да гледате филм, серија или што било пред спиење, вие всушност „го учите“ мозокот дека креветот е за таа активност, а не за спиење.
Па, може да ви биде тешко да заспиете.
Идеално би било ако немате телевизор во спалната соба.