„Ќе ви викнам милиција“, диџејот и други соседи од пеколот
Луѓето кои живеат во зграда, веројатно ќе препознаат најмалку еден од своите соседи на оваа листа. Оние кои живеат во куќа... блазе им.
Први на листата секако ќе бидат директните соседи со кои се граничи вашиот стан...
Сам свој мајстор
Ова е соседот кој најчесто живее под вас, а омилени алатки му се бормашината и чеканот. Омилено работно време му е времето кога спијат сите други соседи, а зошто би чекал до 8 часот наутро за една шајка да закова... Доброто кај овој сосед е тоа што често се грижи и за зградата, па на неговиот кат сѐ е под конец.
Гласноговорниците
Кога се правел планот на зградата, никој не размислил дека не е во ред дневната соба на едните да биде залепена до спалната соба на другите соседи. Како за беља, луѓето кои зборуваат најгласно во зградата се оние кои се со дневната до вашата спална. Најчесто станува збор за пар кој е постојано во конфликт, па мора во 1 часот по полноќ да ги реши сите проблеми.
Пензионерот со телевизорот
Вашиот сосед од другата страна секако дека по Марфиевите закони ќе биде човекот со оштетен слух кој сака да ги гледа најглупавите можни ТВ програми... на најгласно. За да биде уште поголема иронијата, ова е истиот тој лик кој ќе ви дојде на врата да се пожали дека гласно сте шепкале.
Официрот со рамни табани
Станува збор за човекот кој не знае да оди, односно кога оди се труди да направи најголема врева што може. Ова е човек на кој мора сѐ да му е под конец, па многу често се случува да разместува и преместува кревети, плакари и други предмети во домаќинството кои прават врева кога се преместуваат. Според Марфиевите закони, шансите овој човек да живее над вас се 89%.
Следни на листата се соседите кои не се граничат директно со вашиот стан, меѓутоа се доволно препознатливи за да не бидат на листава...
„Ќе ви викнам милиција“
Иако сите знаеме дека „Милиција“ е термин кој одамна не се користи, некои луѓе имаат потешкотии да се збогуваат со овој збор. Инаку, станува збор за постара жена (или во некои случаи маж), на која бројот 192 и е на „спид дајл“. Таа е соседот со најизострени сетила, па сѐ што се случува во и околу зградата, како и во радиус од 200 метри, на неа ѝ пречи. Станува збор за личност која порано излегувала на балкон за да се расправа со соседите, меѓутоа сега годините не ѝ дозволуваат, па користи други посредници. Во полиција веќе ѝ го знаат бројот на памет, па влечат сламки за кој да се разбере со неа.
Подвижната депонија
Најчесто станува збор за соседот/соседите кои имаат потешкотии да си го однесат ѓубрето од пред врата до контејнер. Како за беља, станува збор за луѓе кои генерираат големи количества на истото, па нивниот кат најчесто изгледа како извадок од некој постапокалиптичен филм.
Диџејот
Секако дека не станува збор за вистински диџеј, туку за човек кој мисли дека е диџеј. Има исклучително лош вкус за музика, кој мора да го сподели со неговите ценети соседи. Со него не можете да излезете на крај, и онака не ве слуша од гласните звучници.
Генијалецот за паралелно паркирање
Секоја зграда има барем еден ваков сосед, кој е надарен за логичкото поставување на неговиот автомобил. Излегувањето од паркинг местото кога тој е паркиран до вас наликува на партија шах, каде што сте матирани во еден потег. Најчесто автомобилот го паркира паралелно (на паркинг каде што сите се паркирани косо) и со местоположба да заглави колку што е можно повеќе автомобили. Доколку пробате да се разберете со него/неа, ќе дознаете дека всушност вие сте тие кои не знаат да возат, односно паркираат.
Балканската безбедносна камера
Најчесто станува збор за пензионер кој нема што да прави по цел ден, соседот со телевизорот не го слуша ѕвоното, па не може со него да другарува, па така единствено нешто што му останува е да „виси“ на балкон по цел ден. Најчесто наоѓа место преку кое би можел да го набљудува целото маало, без да биде забележан. Оваа личност многу често е единствената која има добри пријателски односи со „Ќе ти викнам милиција“.
Бонус:
Неодлучниот
Станува збор за соседот кој не живее во зградата... никогаш. Неговиот стан е постојано во подготовка, па 24/7, 365 дена од годината кај него има мајстори. Овој лик е најчесто многу неодлучен, па така тој мора да види како ќе изгледа поставеноста на работите во неговиот стан, пред да одлучи дека не му се допаѓаат и да треба одново да се крши и мести сѐ.
еНВи | Црнобело