Убивале само кога морале, јавноста ги гледала како ѕвезди – факти за Бони и Клајд, озлогласениот пар од САД
Во 1930-тите, Бони и Клајд биле едни од најозлогласените убијци и ограбувачи на територијата на САД. Тие се одговорни за ограбување бројни банки и продавници, но и за смртта на неколку полицајци и цивили.
Бони Паркер и Клајд Бароу биле пар и во периодот 1932-1934 постојано биле во движење и ограбувале и убивале каде ќе стигнат. И покрај нивните злосторства, јавноста била воодушевена од парот и тие всушност уживале статус како на некоја позната холивудска ѕвезда.
Нивната авантура завршила во 1934 година, кога и двајцата биле убиени од полицијата. На денот на смртта, Бони имала 23 години, а Клајд 25.
Во продолжение неколку факти за еден од најопасните парови во историјата на САД:
Клајд првпат бил уапсен за кражба на автомобил
Клајд првпат бил уапсен во 1926 година, откако не го вратил автомобилот што го изнајмил во Далас. Иако компанијата што му го издала автомобилот подоцна ја повлекла тужбата, ова апсење останало во неговото досие.
Неполн месец подоцна, Клајд повторно бил уапсен, овојпат со неговиот брат, за кражба на цел камион полн со мисирки. Тогаш Клајд имал само 17 години.
Клајд изгубил два прста на ногата во затвор
Клајд си заработил 14-годишна казна затвор, а во 1932 година решил дека повеќе не може да ги поднесе суровите услови во затворот. Надевајќи се дека ќе биде префрлен на колку-толку подобро место, Клајд со секира си го пресекол палецот на левата нога, заедно со дел од прстот до него.
Иронијата во целата ситуација е што само шест денови подоцна, Клајд бил пуштен од затвор под услов да не прекршува други закони. Што значи, залудно си ги пресекол прстите.
По ослободувањето, Клајд го почнал своето патешествие со Бони кое ќе заврши со нивната смрт.
Бони се венчала на 16-годишна возраст
Бони пораснала во мало гратче во Тексас, каде што на 16-годишна возраст се венчала со Рој Торнтон – маж кој во тој период излегол од затвор.
Иако тие се разделиле набрзо потоа, никогаш не се развеле, а Бони го носела прстенот од Рој и на денот на нејзината смрт.
Наводно, Бони и Клајд се вљубиле на прв поглед
Постојат многу приказни за тоа како се запознале Бони и Клајд, но според речиси сите, тие веднаш се вљубиле еден во друг.
Некои извори тврдат дека се запознале на забава, а некои сметаат дека се запознале кога Клајд отишол на гости кај некоја пријателка, а таму била и Бони.
Сепак, сите извори се согласуваат дека Бони и Клајд биле неразделни веднаш штом се запознале. Наводно, тие си ветиле дека или ќе останат слободни, или ќе умрат заедно.
Ограбувањето банки не им било приоритет
Генерално, Бони и Клајд гледале да украдат пари и иако често се поврзуваат со ограбување банки, многу почесто „оперирале“ на бензински станици и продавници.
Истовремено, неретко краделе многу ниски суми – 5 или 10 долари.
Бони кривела по сообраќајна несреќа
За Бони е добро познат факт дека кривела додека одела, а виновникот за ова е сообраќајна несреќа во 1933 година.
Имено, Клајд возел многу брзо во Тексас и не го забележал знакот кој кажувал дека на крајот од патот се гради мост. Недоградениот мост бил ограден со дрвена ограда, па Клајд удрил во неа.
Од акумулаторот на автомобилот потекла киселина која завршила на ногата на Бони и ѝ предизвикала сериозни изгореници. По ова, Бони кривела целиот нејзин живот.