Обвиненија за расизам, најдобро облечена на тиркизниот тепих – која е албанската претставничка на Евровизија, Анџела Перистери?
Во средно учела виолина, а студирала опера, се има појавено на скоро сите престижни музички фестивали во Албанија, а на забавно шоу во Албанија направи голема грешка и се соочи со обвиненија за расизам.
Анџела Перистери, евровизиската претставничка на Албанија, дефинитивно привлече најмногу внимание на тиркизниот тепих со нејзиниот совршен стајлинг. Всушност, според анкетите, таа беше прогласена и за најдобро облечена претставничка на свечениот настан – освои дури 28,08% од вкупниот број гласови.
Анџела се појави со долг црвен фустан со висок шлиц, како и шешир, ракавици и чевли во истата боја.
35-годишната пејачка носеше креација на косовскиот дизајнер Валдрин Сахити кој има дизајнирано фустани за Бијонсе, Бебе Реџа и Карди Би. Па, не е ни чудно што таа донесе доза холивудски гламур на тиркизниот тепих.
Анџела настапуваше на втората полуфинална вечер на Евровизија со песната Karma, а наводно била огромен фаворит во нејзината држава уште пред да биде избрана за претставничка, а успеа да се избори за место во финалето.
Во продолжение погледнете неколку забавни факти за Анџела Перистери:
Свири виолина и студирала опера
Анџела е родена во Корча (Горица), Албанија каде што учела средно музичко училиште и свирела виолина. Подоцна се преселила во Тирана за да изучува опера, и токму овде почнува да ја гради музичката кариера.
Се натпреваруваше на Мис Албанија
Обидувајќи се да стане познато име во музиката, Анџела имала и други ангажмани – во 2001 година таа се натпреваруваше на Мис Албанија. Младата пејачка вели дека се пријавила на натпреварот само затоа што натпреварувачките требало да покажат некој талент. За Анџела, ова било можност да ги покаже своите гласовни способности пред Албанија.
Првпат настапи на Festivali i Këngës во 2001 година
Во 2001 година, Анџела првпат настапуваше на Festivali i Këngës – фестивалот со кој Албанија одбира песна за Евровизија. Пејачката не победи на натпреварот, но и да победела, тогаш настапот на Евровизија не беше опција – Албанија дебитираше на Евровизија во 2004 година.
Извесен период живееше во Грција
По завршувањето на студиите, Анџела се пресели во Грција. Овде почнува со настапи низ Солун, но и да соработува со многу познати грчки музичари.
Се натпреваруваше на X Factor Greece
Анџела беше и натпреварувач на грчкиот X Factor. Иако не победи, ова е важен момент за нејзината кариера. Во 2019-та таа се потсети на аудицијата со Инстаграм објава:
„Пред 11 години си ја пробав среќата на X Factor Greece!“
https://www.instagram.com/p/BtWZoJNh0fp/
Успешна кариера во Албанија
Во 2014-та, по неколку години живеење во Грција, Анџела се врати во Албанија, а нејзината кариера тргна во нагорна линија. Таа настапуваше на многу музички фестивали во Албанија, а во 2017-та и победи на еден од нив.
Огромна грешка на „Твоето лице звучи познато“
Анџела беше дел и од албанската верзија на „Твоето лице звучи познато“, но тогаш направи огромна грешка. Таа настапуваше како Арета Френклин и Ета Џејмс, а за настапот си ја потемни кожата на лицето – потег што многумина го сметат за расистички. Во јануари годинава, таа јавно се извини:
„Сфатив дека мојот настап како Арета Френклин и Ета Џејмс на шоуто 'Твоето лице звучи познато' е навредлив. Тогаш, кога бев дел од шоуто, според правилата требаше да изгледам како артистот што го имитирам. Воопшто не знаев дека ова може да биде навредливо.
За жал, во Албанија не се зборува за ова. Сакам искрено да им се извинам на сите кои биле повредени од мојот настап и ветувам дека ова нема да се повтори. Ви благодарам што ми дозволивте да созреам и да ми помогнете да сфатам зошто ова е проблем. Се надевам дека со ова разјаснив некои работи и се надевам дека ќе ја имам вашата поддршка на Евровизија годинава!“
https://twitter.com/AnxhelaPeriste4/status/1354898175946063874
Ја има освоено наградата Kult
Kult е една од најпрестижните музички награди во Албанија, а во 2019-та Анџела успеа да ја добие. Пејачката ги донира средствата добиени од наградата за настраданите во земјотресот во Албанија од ноември 2019-та.
Таа е и текстописец
Анџела е и доста познат текстописец во Албанија, а покрај нејзините, се има потпишано и како автор на песни на други познати изведувачи од Албанија.