Животинско царство, Симпсонови, Млади бунтовници – Албуми со сликички кои го обележаа нашето детство
Албумите со самолепливи сликички имаат посебно место во нашите детски сеќавања, зарем не?!
Повеќето од нив имаа наградни игри, па секој што ќе го пополнеше албумот добиваше по некоја маичка, тетратка, календар... Доволно за искрена детска насмевка и задоволство.
Имено, оваа детска атракција за првпат се појавува во 1970-тите, но нејзиниот вистински „бум“ се случува една деценија подоцна.
Сликичките беа вистинска зараза! Секојдневно менувавме дупликати, се восхитувавме на бројот на сликички на нашите другарчиња и вршевме „тортура“ на нашите родители за едно пакетче плус.
Јадењето чоколада е вистинско уживање, но сатисфакцијата беше уште поголема кога стануваше збор за чоколатцата на Животинско царство. Оние кои го успешно го пополнија целиот албум, слатко се насладија со голем пакет производи на Краш.
Светски првенства во фудбал кои се популарни и ден-денес, NBA, Штрумфови, Покахонтас, Симпсонови, Ав ав, Драгон Бол, Изи Мизија, Барби, Хари Потер, Млади Бунтовници и албуми за што уште не.
Се сеќавате на миризбата на сликичките на Симпсонови, поточно онаа со Меги?!
Само вистинските љубители на албуми со сликички ќе се согласат: Panini е повеќе од обично зборче и „ми фали само една сликичка“ буди емоција која нѐ враќа назад во безгрижните, детски денови.
Доколку сѐ уште ги чувате, патувањето низ времето никогаш нема да биде невозможно.
Па колекционери, кои беа вашите омилени албуми со сликички?!
Мила М. | Црнобело