Седнувам во скопски локал - панталоните со влакна од мачка, масата со флеки од пред 3 дена
Не, не ми се правдајте со концептот на опуштен локал, го сакам тој концепт и затоа и доаѓам, но тоа дефинитивно не значи дека треба да бидете дувло на нехигиената.
Напомена: Фотографиите не се од локалот за кој говориме
Да, знам дека концептот на овој скопски локал е да биде опуштен, да се чувствуваме како во нечие дворче, релаксирано како дома или во парк и токму затоа што ми се допаѓа тој концепт го посетив на пауза од работа. На половина час да го исклучам мозокот и да се чувствувам како да сум во природа.
Ми се допаѓаат и ретро столчињата од подрумот на баба и неформалната атмосфера и тревата која ме потсетува на мојот омилен парк.
Но, ваквиот концепт на локали не значи дека треба да се заборави на хигиената.
Опуштен локал не значи нечист локал.
Црните деловни панталони ми се излепија со влакна од мачката која спиела таму во текот на ноќта, а флеките на масата беа закоравени од пред три дена. На чашите „нормално“ флеки од бигор.
Зошто?
Што ве чини да исчистите?
Хигиената е основа во сите дејности од овој тип.
Не сакам да одам на козметичар и да лежам гола на чаршафот од претходната жена, не сакам да одам на фризер и да газам врз косата на претходниот клиент, не сакам да седам во кафуле кое е толку нечисто што ме тера да се запрашам во какви услови пак ми го приготвуваат кафето и дали воопшто да го испијам.
И не, не сум јас некој напорен тип на жена со превисоки барања што порачува нескафе со една ипол коцка мраз и 2 зрна шеќер, сакам само основните работи да бидат во ред.
И не се правдајте дека таков е концептот на кафулето. Едноставно мрзеливи сте или штедите на персонал, па сиротите вработени не можат да постигнат сè.
И запомнете дека со еден лош впечаток си фрлате сами сенка на бизнисот долгорочно. Особено кога сте на самиот старт.
Морам уште еднаш да повторам: „Опуштен локал не значи нечист локал.“
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело