Скопска пешачка (не)култура - зошто да чекам на црвено?
Секое утро додека одам на работа и секое попладне кога пешачам накај дома, ја гледам истата скопска (не)култура кај пешаците – луѓе кои претрчуваат на црвено, бидејќи тие 10 секунди што ќе почекаат на семафор, ќе им сменат многу во животот.
Веќе подолго време одам по една иста маршрута накај работа – преку Градскиот парк и Дебар маало, преку „Партизанска“ до канцеларија. Мислам дека во изминативе 3 месеци на прстите од едната рака можам да избројам колку пати сум чекала на семафор, без некој пешак, тротинет, велосипедист или доставувач на храна да не помине на црвено.
Како само да чекаат да нема автомобил во близина и без размислување тргнуваат. Не размислуваат или, пак, си мислат - Зошто да чекам на црвено кога нема автомобили?
Видов буквално сè - девојки нашминкани и средени за на работа, дотерани госпоѓи постари од 60-70 години, мажи во костуми што се совршено испеглани, тинејџери што одат или се враќаат од училиште.
А кога еден ќе тргне, си повлекува нога, па по него/неа оди и втор, и трет... Уште пострашно е што, откако некој возрасен ќе „претрча“ на црвено, по него тргнуваат и деца.
Сигурно си мислат дека е безбедно или дека така треба. Не погледнуваат, само одат.
Како да ќе им сменат оние 10 секунди во кои ќе подзастанат и ќе почекаат да се вклучи зеленото светло за пешаци, па да продолжат понатаму.
Ако им избега автобусот – ќе дојде друг.
Ви текнува како нè учеа бабите? По дечко и по автобус не се трча!
Ако доцнат некаде, во време кога секој има мобилен, може да се јават и да кажат дека ќе задоцнат.
Па, зарем не е подобро да почекаме, отколку свесно да се изложуваме на опасност, бидејќи „брз/а сум, ќе претрчам пред да дојдат автомобилите“.