Пејзажи што „оживуваат“ под УВ светлина – Новите норвешки пасоши имаат магичен дизајн
Неодамна Норвешка ги претстави новите пасоши што ќе им се издаваат на Норвежаните, а нивниот неверојатен дизајн веднаш привлече внимание.
На 19-ти октомври годинава, во Норвешка беа претставени новите пасоши кои наводно е потешко да се фалсификуваат. Но, она што привлече најмногу внимание е нивниот одличен дизајн.
На секоја страница од пасошот се наоѓа пејзаж од Норвешка, а кога ќе ја погледнете под УВ светлина, сликата „оживува“ – на некои страници почнуваат да се гледаат облаци, на некои Месечина, а на некои дури и поларна светлина. Зад дизајнот стои норвешкото студио Neue.
Во 2014-та норвешките власти организираа натпревар во кој дизајнерите и студијата за дизајн се пријавуваа со нивни идеи за изгледот на новиот пасош.
Дизајнерите имале задача да направат уникатен концепт кој треба да исполнува неколку критериуми – да го отсликува норвешкиот идентитет, да биде креативен и иновативен, но и да има „безвременски“ дизајн кој ќе може да се користи со години.
Тогаш, тимот дизајнери од студиото Neue решиле да го украсат новиот пасош со уникатни пејзажи од Норвешка.
„Важно беше да се разгледаат нашите историски столбови и она во норвешката култура што создава чувство на припадност. Пејзажите што нè опкружуваат ни даваат чувство на припадност и гордост, и имаат симболично значење за целата нација.
Сликите од пејзажи лесно можат да бидат клише, но бидејќи се длабоко вкоренети во нашата култура, лесно се идентификуваме преку нив. Покрај тоа, за Норвежаните, природата е многу повеќе од убав пејзаж“, пишува на сајтот на студиото.
„Илустрирајќи делови од широката норвешка панорама, од север до југ, сакаме да го прикажеме контрастот во пејзажот и местата што нè оформија, што ни нудат можности и ресурси, места за рекреација, но и местата на кои се случиле важни историски настани“, објаснуваат од студиото.
Спирова С. | Црнобело