Лотосовиот цвет како инспирација за спектакуларна сала (фото)
Идејното решение на австралиското архитектонско студио „deciBel“ за повеќенаменска сала и културен центар во виетнамската престолнина Ханој изгледа како лотосов цвет и е едноставно – прекрасно.
„Hanoi Lotus Centre“ е проект инспириран од лотосот, националното цвеќе на Виетнам. Предвидено е културниот центар да опфаќа сала со капацитет од 2000 седишта, која ќе се користи за различни намени, а ќе располага и со театар, кино, ресторани и канцеларии.
Што се однесува до самата градба, таа не само што црпи инспирација од формата на лотосовиот цвет, туку и целокупниот дизајн е верна реплика на неговата структура и бои, почнувајќи од архитектурата, па сè до начинот на уредување на ентериерот.
„Пупката на лотосот е симбол за раст и потенцијал, пред да расцути во елегантен цвет. Лотосовите букети се секојдневна глетка низ улиците на Ханој, што беше и наша главна инспирација за овој проект.“- објаснуваат од тимот на студиото „deciBel“.
Мора да признаеме дека спектакуларната сала е вистински празник за очите, како однадвор, така и одвнатре. Се согласувате?
Од 3D видео симулацијата можете подетално да погледнете како ќе изгледа и функционира целиот проект:
М. А. | Црнобело