За љубителите на пишаниот збор: Минијатурна иновативна библиотека во Канада
Промовирајќи ја литературата и доживотната љубов кон читањето, „The Story Pod“ претставува минијатурна пренослива библиотека од каде можете да позајмите книга но и да се дружите со останатите вљубеници во пишаниот збор.
Добротворниот проект изработен од страна на архитектонското студио „Atelier Kastelic Buffey“ претставува реализација на идејата на една заедница за создавање на централно, модерно обележје каде жителите ќе може да се дружат помеѓу себе.
Градбата која зафаќа површина од 6 м2 е сместена покрај пешачка патека во близина на речниот брег во Њумаркет, Онтарио, предградие на Торонто.
Едноставниот, но функционален дизајн на „Atelier Kastelic Buffey“ бил оживеан од страна на волонтери вработени во градската управа. Ѕидовите претставуваат вертикални плочи кои се менуваат како што шетате околу структурата, најтесните места претставуваат цврсти ѕидови, поголемите празнини дозволуваат навлегување на светлина, а најшироките делови претставуваат полици со книги.
„The Story Pod“ престанува да работи заедно со залезот на сонцето. Навечер, користејќи светилки напојувани од соларниот панел поставен на кровот на структурата, малата библиотека е осветлена однатре и служи како сјајна точка за ориентација на малиот крајречен плоштад.
М. С. | Црнобело