Што е астролошка психологија?
Овните се тврдоглави, Биковите се хедонисти, Близнаците се дволични, а Раковите се емотивни. Кога ќе се спомне астрологијата многумина од помислуваат на секојдневниот хороскоп, кој опишува дванаесет видови на личности. Но, луѓето се многу посложени од овие 12 генерални карактеристики.
Хороскопските стереотипи можат да бидат интересни и забавни, но тие не се нешто со што треба да се оправдува нечие однесување. Кога ќе влеземе подлабоко во астрологијата откриваме многу повеќе. Пристапот на астролошката психологија служи за подобро разбирање на светот во нас. Грубо земено, астролошката психологија е јазик на енергија и искуство. Што значи тоа?
Од новите откритија во психологијата, вклучувајќи ја и психоанализата, астролозите и психолозите, во рамките на нивните сфери, постепено доаѓаат до подлабокото познавање на човечката психа. Првиот психолог, кој го проучувал и окултното, бил Карл Густав Јунг.
Тој сметал дека „Астрологијата ја опфаќа крајната сума на сите психолошки знаења на стариот свет“. Во своите истражувања ги вклучувал наталната карта и стекнатите знаења. После Јунг многу психолози продолжија да го развиваат овој пристап.
Астролошка психологија може да делува како синтеза на психологија и астрологија. На многу начини астрологијата беше првата психологија, со своите учења за природата на човекот. Вкоренети во премисата дека космосот ја одразува психата, раните истражувачи забележувале како природните циклуси и циклусите на планетите кореспондирале со природата и искуствата на човекот.
Античките и средновековните астролози биле преокупирани со таканаречените „добри“ и „лоши“ планетарни позиции. Астрологијата во голема мера била ограничена на површни описи на особините и на сврзаните настани. Додека некои научници тврдат дека античката астрологија, всушност била сложена техника, не треба да се отфрли фактот дека нашите древни предци верувале во фаталистички и детерминистички модел на космосот.
Астролошката психологија не е детерминистичкa, напротив, психата е способна да се манифестира во биолошките и општествените услови. Материјалната реалност е концептуализиранa како синхронистички одраз на вродена психичка структура, која се развива со текот на времето. Од оваа перспектива, психата се рефлектира, но не зависи од позициите на планетите во моментот на раѓањето.
Да заклучиме, астролошката психологија е теорија на личности и дијагностичка алатка. Како теорија на личности ни открива како структурата и динамиката на психата се огледуваат во надворешните услови. Како дијагностичка алатка ни обезбедува увид во основните, карактерни проблеми.
Можеби хороскопот најдобро може да се сфати како симболична приказна, во која судбината се менува паралелно со развојот на карактерот.
Ашера | Црнобело