Светот сè уште лудува по нив: 6 помалку познати факти за фиџет спинерите
Ова е најголемиот, најбрзодвижечки тренд во историјата на играчките и не сопира.
Дури и да немате син, внук или дете на вашата сосетка, кое го обожавате и кое преку заедничката дружба ве внесува во светот на играчките, сигурно и вие се слушнале од некаде за фиџет спинерите.
Лудилото што го зафати светот, веќе подолго време ја тресе и Македонија, а децата не можат да се наситат од овој нов начин на забава.
Во автобус, кафуле или во канцеларија, забавни за сите генерации, фиџет спинерите го погодија светот како бура.
Луѓето ширум светот ги обожаваат затоа што ги тргаат децата од екраните и им даваат едно поинакво искуство и игра со умот. Тие ја развиваат координацијата на рацете, очите, мускулите и воопшто ги подобруваат моторните вештини.
Еве 6 помалку познати факти за фиџет спинерите:
Кој е мозокот зад фиџет спинерите?
Пред речиси 2 декади хемискиот инженер Кетрин Хетингер од Орландо, Америка ја посетил својата сестра во Израел. Нејзините деца биле непослушни и фрлале со камења по полицијата, па помислила дека им е потребно нешто за ослободување од стресот.
Кога Кетрин се вратила дома, таа сфатила дека и на нејзината ќерка, која страдала од болест што предизвикува слабост во мускулите, ѝ е потребен некој таков предмет. Така седнала и го дизајнирала првиот фиџет спинер.
Но, таа не прави профит!
За жал, иако во 90-тите Кетрин го патентирала изумот, таа не можела да плати надоместоци од 400 долари за обновување на патентот во 2005 година и сега не заработува од тоа.
Сепак, вели дека е пресреќна што играчката се проширила низ светот и дека ако единствената мотивација и биле парите, ќе имала поинаков став, но сега е воодушевена.
Да успеела да го обнови патентот, денес Кетрин ќе заработуваше милиони од тоа.
Модерна употреба
Иако првобитната намена им била поинаква, откако магазинот Forbes ги прогласи за задолжителна играчка во канцеларијата за 2017 година, продажбата на фиџет спинерите процвета како никогаш досега.
Идејата спинерите да ве релаксираат додека сте затворени во канцеларија, направи сите да ја обожаваат оваа играчка - од бизнисмени до учители и студенти.
Здравствени придобивки
Експертите тежнееја на страната на докажување на функционалноста на спинерите кај луѓе со аутизам, болести поврзани со мускулите и стрес, но неодамна објавија дека немаат никаков медицински доказ за ова.
Но, педијатарот Меган Волс тврди дека сепак позитивно влијаат кај децата со вакви проблеми.
Повреди од спинерите
CNN објави информација за дете кое покажувајќи им трик на своите другари за малку ќе го изгубело окото. Тоа го фрлило спинерот, не успеало да го фати и тој му удрил во аголот од окото.
Во друга ситуација, мајка ја однела ќерка си на доктор затоа што таа извадила еден од дисковите, го ставила во уста и ѝ се заглавил во грлото.
Сепак родителите треба да ги надгледуваат своите мали деца додека си играат со оваа играчка.
И познатите ги обожаваат!
Знаете дека нешто е вистински тренд и кога познатите ќе започнат да го употребуваат. Сè започна на почетокот од 2017 година кога актерката Гвинет Палтроу му подари на својот син за роденден сет спинери.
Оттогаш Кендал Џенер, Рита Ора и низа други познати личности се фотографираа со спинери за на Инстаграм.
С. С. | Црнобело