Се омажи Малала Јусуфзаи - девојката која Талибанците пред 9 години ја застрелаа во глава (фото)
- Детали
- среда, 10 ноември 2021
Во 2012 година Талибанец ја застрела во главата малата Малала – денес таа има 24 години, летово ја имаше 6-тата операција за санирање на штетата од талибанскиот куршум, а сега стапи во брак со својот сакан.
Малала Јусуфзаи (24) вчера (09.11) стапи во брак со својот сакан Ашер Малик.
Таа е најмладата добитничка на Нобелова награда, активистка со диплома од Оксфорд и девојка која е инспирација за целиот свет.
Малала беше застрелана во глава во 2012 година во школски автобус од Талибанците на територија на Пакистан поради нејзината кампања за едукација на девојчињата.
За својот свадбен ден таа на Инстаграм напиша:
„Ова е прекрасен ден во нашиот живот. Ашер и јас си ветивме дека ќе бидеме партнери до крајот на животот. Прославивме со мала церемонија во Бирминген со нашите семејства. Возбудени сме што ќе го чекориме животниот пат заедно.“
Инаку летово Малала објави фотографија од болница по шестата операција изведена на неа, поради последиците од ранувањето со куршум во главата.
„Во Бостон ја имав мојата шеста операција. Докторите продолжуваат со обидите да ја поправат штетата која Талибанците му ја направија на моето тело.
9 години откако сум застрелана, јас сè уште закрепнувам од само еден куршум. Но, луѓето во Авганистан примија милиони куршуми во изминатите 4 децении.
Моето срце се крши за тие чии имиња ќе ги заборавиме или никогаш не сме ги ни знаеле, за оние чии повици за помош останаа неодговорени.“