„По 6 месеци врска ме запроси, ми вети бајка, но ме остави пред олтар и во долгови“ – Лажен руски бизнисмен украл милиони од 300 жени
- Детали
- вторник, 28 март 2023
„Тој е многу интелигентен, љубезен, зрел и има добри манири. Ме убеди дека како сопственичка на бизнис треба да купам нов автомобил и стан и да ги продадам старите. Не очекував дека ќе си замине со парите од продажбата“ – раскажува една од жртвите на „рускиот измамник од Тиндер“.
Димитри Фролов брзо го доби прекарот „рускиот измамник од Тиндер“. Тој неодамна беше уапсен во Санкт Петербург, а е обвинет дека ограбил околу 300 жени кои му овозможиле да живее луксузен живот.
Руските медиуми пишуваат дека овој 31-годишен Русин патувал под различни имиња и со лажни документи низ цела Русија, повеќе од 10 години, а од своите жртви успеал да украде повеќе милиони рубљи.
За разлика од неговиот попознат израелски „колега“ Шимон Хајут, Фролов е крупен, ќелав, со стомак и подбрадок.
Но, неговиот изглед не ги спречил жените да му дадат шанса за врска и да се обидат да живеат заедно со него.
Напротив, жените на апликациите за состанување гледале на него како на „полничок, мил маж“ кој на својот профил напишал дека „е уморен од тоа да биде сам и дека бара семејство.“
Освен тоа, тој на сите им се претставувал како човек кој има свој мал бизнис.
Една од неговите жртви е 35-годишната Алина Миленаја од Волгоград, која има сопствен салон за убавина.
Таа раскажува како го запознала Фролов на социјалните мрежи, но само по 6 месеци врска тој клекнал на едно колено и ја побарал за жена.
„Неговата тајна е во самодовербата. Тој разбира што сакаат жените и кои им се приоритетите. Ако жената има дете, наоѓа начин како да се поврзе со него. Веднаш ви ја пронаоѓа слабоста и ја искористува.
Тој е многу интелигентен, љубезен, зрел и има добри манири. Ме убеди дека како сопственичка на бизнис треба да купам нов подобар автомобил и да го продадам стариот.
Потоа ме убеди дека треба да мислам на ќерка ми и да купам поголем стан и да го препишам на нејзино име. Така загубив 6 милиони рубљи и останав на улица со мало дете затоа што ми ги зема сите пари“ – раскажува таа.
Освен што ја натерал да купи поголем стан и автомобил, Фролов ја натерал Алина да земе и кредит од банка, а дента кога требало да се одржи свадбата тој ѝ рекол дека на церемонијата ќе пристигне во хеликоптер.
Но, наместо да стапат во брак, Фролов си заминал, а со себе ги земал парите од продажбата на автомобилот, станот, но и од кредитот.
Освен Алина, уште 299 други жени тврдат дека биле жртви на рускиот Измамник од Тиндер и самите креирале своја страница на социјалните мрежи каде што отворено ги предупредувале потенцијалните жртви.
Фролов на почетокот на март годинава бил уапсен во Санкт Петербург, каде веднаш ги признал сите дела.
Б. С. Б. | Црнобело