Славни дами кои јавно признаа дека се алкохоличарки
- Детали
- сабота, 02 февруари 2019
Дури и ѕвездите што навидум делуваат мирни, слатки, повлечени и мили, некогаш се на мошне сериозни маки со опивањето.
Неколку познати жени собраа храброст, па отворено проговореа за нивните страшни и долги битки со зависноста. Дел од имињата веројатно ќе бидат изненадување за многумина.
Пиењето е порок на кој не се имуни ниту богатите и славните. Напротив. Неретко имаме прилика да читаме и видиме како изгледаат познатите фаци под дејство на алкохол, ужаснати од инцидентите и скандалите кои ги приредуваат во такво издание.
Повеќето ѕвезди одат на рехабилитација кога ќе им натежнат проблемите со зависностa. Додека едни се истрајни во намерата да останат трезни, другите одново се враќаат на старите лоши навики, за жал и по цена на сопствениот живот.
Малкумина се психички спремни отворено да зборуваат за своите пороци. A, oва се славните дами кои јавно признаа дека се алкохоличарки:
Ен Хатавеј (36)
Гостувајќи неодамна во емисијата на популарната комичарка Елен Деџенерис, мирната и повлечена глумица потполно се отвори, признавајќи дека има проблеми со алкохолот. 36-годишната оскаровка и порано зборуваше на оваа тема, ама не вака сурово искрено.
„Престанав во октомври и не планирам да се напијам алкохол најмалку осумнаесет години. Всушност, сѐ додека мојот син е со мене дома. Не го сакам начинот на кој пијам, а тој навлегува во години кога навистина сум му потребна уште од рано наутро. Еден ден отидов по него во градинка. Не возев, но бев мамурна, а тоа ми беше доволно. Ни малку не ми се допадна постапката.“
Ен Хатавеј додаде дека иако никогаш не пиела до таа мера, за алкохолот да ѝ се одрази на нејзината работа, сепак неретко ги преминувала здравите граници. Поради случката со тригодишниот син, одлучила дека мора веднаш да заврши со штетната навика.
Лана Дел Реј (33)
Зависноста од алкохол на талентираната музичарка, потекнува уште од тинејџерските денови. 33-годишната пејачка ги шокираше фановите кога откри дека речиси секој ден била пијана.
„Пиев алкохол кога и да имав прилика. Честопати и сама. Тогаш сѐ ми делуваше во ред. Веќе на четиринаесет години, родителите за првпат ме испратија во клиника на трезнење. Меѓутоа, јас одново си продолжив по старо.“
Лана Дел Реј се освестила за проблемот после долги девет години. И одлучила да стави точка. Призна дека албумот „Born To Die" e делумно инспириран од тој период во нејзиниот живот, како и дека баш ова е причината зошто одредени песни ѝ се толку мрачни.
Криси Тајген (33)
За нејзините проблеми со алкохолот, манекенката проговоре во 2017 година. Во таа прилика ја изненади јавноста со изјавата дека не може да пие само една пијачка.
„Се навикнав да испијам чаша вино секојпат кога сум на шминка и фризура. Потоа ќе испиев уште една пред одењето на настан, па продолжував со пиење. Се чувствував мизерно, бидејќи правев будала од себе пред луѓето кои ги ценам. Грозно беше чувството. Тоа не е добро ни за мене, ниту за Џон. За никого.“
Криси Тајген одлучила да се откаже од порокот, но истакна дека тоа ќе биде мошне тежок процес, затоа што во Холивуд е речиси невозможно да се избегне чашка алкохол.
Мел Би (43)
Популарната пејачка и поранешна членка на групата Spice Girls, минатата година јавно ја призна зависноста од алкохол и секс. Воедно соопшти и дека заминува на рехабилитација во една британска клиника. Тешкиот период во нејзиниот живот започнал по разводот од бившиот сопруг Стивен Белафонте.
„Ми беше преголема траума одново да го преживувам она низ што пројдов додека бев во насилна врска, како и повторно да се соочувам со сите тие проблеми. Пиев алкохол за да ја ублажам болката.“
На Мел Би ѝ беше дијагностицирано посттрауматско стресно растројство, а на лекување отиде за да може да им биде што подобра мајка на своите деца.
Кристин Дејвис (53)
Слатката Шарлот од култната серија „Sex and the City“, исто така јавно проговори за своите проблеми со зависноста. Глумицата истакна дека актерството всушност ја спасило од порокот.
„Почнав да одам на часови по глума, што ми претставуваше своевиден предизвик. И тогаш заклучив дека моето опивање едноставно нема добро да се заврши. Сфатив дека одам по работ, кога приметив дека се тетеравам и на часовите. Па, одлучив – ќе биде едното, или, пак, другото. Не можеше да продолжам и со двете.“
Кристин Дејвис верувала дека заради пиењето во младоста, нема да ја доживее ниту триесеттата година. Призна и дека алкохолизмот е честа болест во нејзиното семејство.