Тајно се венча со манекенката, на 25 стана најмладиот милијардер: Кој е сопругот на Миранда Кер?
- Детали
- недела, 03 март 2024
„Мислев дека немам шанса кај Миранда, но ѝ го дадов мојот број. Не верував дека ќе ме побара, па по околу еден месец се изненадив кога видов дека ми пишала“, кажа во едно интервју милијардерот Иван Шпигел, сопруг на една од најубавите светски манекенки, Миранда Кер.
Моделот Миранда Кер (40) и нејзиниот 7 години помлад сопруг, милијардерот Иван Шпигел, се запознале на 8 ноември 2014 година, на моден настан.
Нивната прва средба и ракувањето во моментот кога се запознаваат, го овековечил еден од фотографите кои биле таму.
Славната манекенка лани ја објави фотката на својот Инстаграм профил за да одбележи еден од најважните датуми во нејзиниот живот.
Парот пред неколку дена (27.02) го доби своето трето дете, синот Пјер.
И иако во јавноста често се шпекулира дека Кер се откажа од кариерата откако се омажи за милијардерот, таа постојано нагласува дека ужива во љубовта со него, а внимателно ги избира модните ангажмани кои ѝ се нудат - и тоа, тврди, нема врска со Шпигел.
Што знаеме за милијардерот Иван Шпигел, еден од основачите на Snapchat?
Роден е на 4 јуни 1990 година во Пацифик Палисејдс во Калифорнија.
Тој е најстарото дете во семејството на адвокатите Џон и Мелиса Ен Шпигел.
Иако растел покрај адвокати, правото не го интересирало, туку од дете бил вљубеник во технологијата - својот прв компјутер го склопил во шесто одделение.
Се запишал на Универзитетот Стенфорд, на отсекот за дизајн на производи, па се вработил во одделот за продажба на Red Bull. Истовремено работел и во софтверската компанија Intuit.
Таму ги запознал своите деловни партнери, Боби Марфи и Реџи Браун, со кои во 2011-та ја развил првичната идеја за Snapchat.
Се откажал од студиите за да се фокусира на апликацијата која го направи милијардер.
Во 2015-та стана најмладиот милијардер во светот.
Денес неговото богатство се проценува на 2,7 милијарди долари.