Убиство или самоубиство – Сите детали за мистериозната смрт на актерката од „Малечката невеста“
- Детали
- недела, 17 декември 2023
Родителите тврдат дека актерката била убиена, а нејзиниот поранешен партнер вели дека извршила самоубиство. Родителите го обвинуваат нејзиниот поранешен дечко дека ја убил, а тој тврди дека тие ја искористувале за пари и ја навеле да се самоубие – Детали за смртта на индиската актерка што ја толкуваше улогата на малечката невеста.
Индиската актерка Пратјуша Банерџи кај македонската јавност се прослави со улогата во серијата „Малечката невеста“ што се емитуваше на една од нашите телевизии. Таа почина во 2016 година, на 24-годишна возраст, а нејзината смрт и до денес се смета за вистинска мистерија.
Пратјуша била најдена обесена на тавански вентилатор во нејзиниот стан во Бомбај и како официјална причина за смртта се смета задушување, а индиските медиуми веднаш пренесоа дека се работи за самоубиство.
Родителите на актерката веднаш го обвинија нејзиниот дечко Рахул Раџ Синг дека тој е виновен за нејзината смрт, со што започна судски процес којшто сѐ уште се води во судниците во Индија.
Имено, според официјалната верзија, телото на мртвата актерка го пронашол нејзиниот дечко, кој веднаш повикал помош. Тој даде изјава за медиумите во која откри:
„Живеевме заедно во двособен стан. Имавме два клуча, еден беше кај Пратјуша, а другиот кај мене. Кога влегов во спалната соба, ја видов Пратјуша како виси од таванот.
Многу се исплашив. Веднаш ги повикав соседите и со нивна помош ја пренесов во болница. Мислевме дека е жива, но не беше. Толку бев исплашен, но не повикав полиција. Од болницата повикаа полиција“ – рече тој.
Но, и покрај тоа што првично смртта била прогласена за самоубиство, сепак имало повеќе мистериозни детали што укажувале на тоа дека приказната на Раул не е доследна.
Обдукцијата на телото на актерката открила трагови на давење, што укажува дека приказната за самоубиство не е вистинита, а според изјави на соседите, Рахул тој ден бил насилен.
Тие двајца претходно се скарале, по што тој ја удрил среде бел ден на улица и не сакал ниту да ѝ помогне да стане.
Според официјалните искази во судскиот процес што сѐ уште се води, Рахул е обвинет дека ја навел младата актерка на самоубиство и додека живеел заедно со неа, успеал животот да ѝ го направи вистински пекол.