Ќе има ли одговорност за тоа што се трошат државни пари за гас поскап од берзанскиот?
- Детали
- среда, 11 јануари 2023
Ако се направи споредба со ситуацијата пред една година, кога енергетската криза ескалира како резултат на војната во Украина, цените на природниот гас на берзите во Европа и во светот периодов се на најниско ниво. Истовремено, македонските државни компании одлучија да не ги следат пазарните услови, туку да се придржуваат до договорени и фиксни цени и притоа за плаќаат повеќе од потребното.
Конкретно, како резултат на договорот со бугарската „Балкан Јутилитис“, ЕСМ за количините откупени за јануари ќе плати милион евра повеќе од потребното.
Притоа, никој од надлежните не споделува чија ќе биде одговорноста за расфрлањето со буџетски средства во време на енергетска криза. Во текот на промотивен настан што се одржа денеска, премиерот даде повеќе изјави, но во ниту една не спомена кој ќе го сноси товарот на одговорноста што е потпишан договор со фиксна сума, а гасот на берзите секојдневно се продава по пониски цени. Во исто време, тој истакна дека од двете понуди доставени до ЕСМ, избрана е поевтината цена, што е неточно.
Имено, ако се анализираат актуелните цени на берзите, кои што периодов се најниски од почетокот на кризата, станува јасно дека цената што „Макпетрол“ ја има испратено до ЕСМ е за 12,2 евра пониска од таа на бугарската компанија. Како и претходно, македонската фирма до државната компанија доставуваше цени во зависност од тоа какви се придвижувањата на берзите, па така, за јануари понудата што ја достави беше од 103.8 евра за мегават час. За разлика од ова, ЕСМ од „Балкан Јутилитис“ го купи гасот по цена од 115.97 евра за мегават час.
Македонската државна компанија преку бугарската фирма набави 33.670 мегават часови, за кои плати 409.000 евра повеќе. Сличен приказ дава и споредбата на понудата од „Пром-гас“ до „ЕСМ продажба“. Како резултат на движењата на берзите, цената на ова домашно претпријатие сега е 108.5 евра или таа е за 7.5 евра пониска од онаа на бугарската фирма. И покрај тоа, ЕСМ преку „Балкан Јутилитис“ купи 61.693 мегават часови за кои ќе плати 458.000 евра повеќе.
Дирекцијата за технолошки развојни зони (ДТРИЗ), исто така, ги прифати условите на бугарската компанија преку која ќе набави 6.554 мегават часови. Како и претходните пресметки, и оваа покажува дека ДТИРЗ на „Балкан Јутилитис“ ќе плати 115.97 евра за мегават час, што вкупно ќе биде 49.000 евра повеќе од тоа што „Пром-Гас“ го понуди.
Ако се земе предвид цената на природниот гас од 1 јануари, што ќе важи до крајот на месецот, пресметано заедно, за наведените три набавки на природен гас државата ќе плати 916 илјади евра без ДДВ, односно речиси 1.1 милион евра повеќе со вклучен данок на додадена вредност.
Во изјава до медиумите, ЕСМ истакна дека и во следните месеци ќе се придржува до условот цената на природниот гас да биде фиксна, наместо променлива, вклучително тоа ќе важи за повикот што ќе го објават за набавка за февруари. Доколку и понатаму се придржува до принципот на фиксна цена, а цените на берзите продолжуваат да паѓаат, се поставува прашањето кој ќе ја превземе одговорноста за несоодветното трошење јавни финансии кога може да се биде поекономичен и енергенсот да се обезбеди за помалку средства.