Ќе снема ли природен гас ако истиот поскапи, а ЕСМ за него договори фиксна цена?
- Детали
- вторник, 10 јануари 2023
Цената на природниот гас изминативе неколку недели на светските берзи континуирано се намалува, а во исто време, компанијата во државна сопственост, ЕСМ, и натаму го купува по повисока сума.
Ваквиот пристап е целосно спротивен на јавните настапи на министрите и другите претставници на Владата, кои што често нагласуваат дека однесувањето со државните финансии мора да биде одговорно, а притоа купуваат гас по однапред договорена, фиксна, цена од бугарската компанија „Балкан Јутилитис“.
Имајќи предвид дека гасот е продукт со којшто се тргува на берзата, што значи неговата цена може и да се зголеми, се поставува прашањето како ќе постапи компанијата што даде фиксна цена доколку се случи токму тоа, односно гасот стане поскап во однос на тоа што „Балкан Јутилитис“ го понудил. Во ваква ситуација, кои се гаранциите дека бугарската фирма ќе продолжи да ја снабдува земјата со природен гас или постои можност истата да се откаже од таа улога, а македонските граѓани, институции и правни субјекти да останат без топлинска енергија.
Дилемите во поглед на гаранциите се особено значајни ако се има предвид дека „Балкан Јутилитис“ во изминативе три години, за две пријавил дека работел со загуби. Според податоците на Регулаторната комисија на Бугарија, „Балкан Јутилитис“ за 2019 пријавило загуба од 98.012 евра, а истата во 2021 година била 33.691 евра. Десетгодишната лиценца за трговија со природен гас оваа фирма ја добила дури на 15 септември годинава, а бугарскиот регулатор ја дефинира како микропретпријатие.
Последен пример за тоа е „ЕСМ енергетика“, која што, како долгогодишен партнер на „Макпетрол“, од домашниот снабдувач доби пониска цена од таа што „ЕСМ продажба“ ја договори со фирмата од соседна Бугарија. И покрај тоа, подружницата на државната компанија, која што со парно ги снабдува индивидуалните домови, училиштата и деловните објекти во Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром, за природен гас потребен за производство на топлинска енергија плати повеќе од потребното.
Истовремено, трендот што започна пред крајот на 2022 продолжи и во 2023 година и сега природниот гас на светските берзи може да се купи за цени кои што се најниски во споредба со периодот пред почетокот на војната во Украина. Како резултат на договорот со „Балкан Јутилитис“, што подразбираше фиксна цена, „ЕСМ продажба“ сега плаќа поскапо за гасот, а се проценува дека дополнителните трошоци ја надминуваат сумата од милион евра. „Макпетрол“, пак, на повикот на државната компанија испрати понуда поврзана со движењето на цените на берзите и доколку таа беше прифатена, сега ќе се трошеа помалку буџетски пари за производство на топлинска енергија.
И покрај тоа, „ЕСМ продажба“ излезе со информација во јавноста дека во следниот период ќе објави повик за набавка на природен гас за февруари, притоа нагласувајќи дека сите понуди што ќе вклучуваат флексибилна цена, нема да бидат земени предвид. Според нив, овој услов е задолжителен бидејќи компанијата мора да има обезбеден буџет и да може да направи пресметка за купување гас којшто ќе го плаќа однапред. Ова отвора нова дилема, имено, зошто државната компанија би требало да планира буџет кога Владата со одлука им додели средства за набавка на енергенси во услови на енергетска криза.