Природниот гас поевтинува на берзите, Македонија го плаќа по фиксна и поскапа цена

Државните компании, како и целата Влада, изминативе недели и месеци во секоја можна прилика истакнуваат енергетската криза ќе потрае и во 2023 година и бараат од поединците и правните субјекти да бидат внимателни со трошењата и на финансиите, но и на самата енергија, без разлика дали е топлинска или електрична.

prirodniot-gas-poevtinuva-na-berzite-makedonija-go-plakja-po-fiksna-i-poskapa-cena-01.jpg

И покрај ваквите повици, токму претпријатие во државна сопственост, ЕСМ, прифати фиксна цена на природен гас, наместо флексибилна и директно поврзана со ситуацијата на берзите.

Тука се поставува прашањето, дали државата на овој начин на ризик ги става јавните финансии, бидејќи што ќе се случи кога цената на природниот гас во иднина се зголеми, дали тоа значи дека од буџетот ќе се трошат средства за исплата на пенали? Наспроти тоа, „Макпетрол“ уште пред крајот на годината објави дека цената што ја понуди на повикот на ЕСМ не е фиксна, односно многу веројатно ќе биде пониска од таа на бугарската компанија. За државната компанија таквата променливост не беше прифатлива и веќе за јануари ќе потроши еден милион евра буџетски пари повеќе од потребното за снабдување со природен гас.

Наместо да прифати соработка што подразбира флексибилни цени поврзани со движењето на берзите, македонската држава избра бугарска компанија што понуди фиксна цена на природниот гас, што за набавката за јануари, веќе се преслика во трошење над милион евра повеќе од потребното. Во врска со ова, „ЕСМ продажба“ излезе со соопштение во кое истакна дека доколку „Макпетрол“ имале сознанија дека цената во јануари ќе има тенденција на спуштање, требало да даде понуда со пониска фиксна цена, која ќе можеле да ја земат предвид за разгледување, заедно со другите, што доставиле фиксна цена.

Ваквото објаснување, во најмала рака, е паушално, бидејќи слободниот пазар не функционира на таков начин, односно за да се даде пониска цена, потребно е да се остави простор истата да се понуди врз основа на ситуацијата на берзите, а не услов да биде обезбедување фиксна цена базирана на претпоставки. Токму од тие причини цела Европа купува гас на берзите, којшто периодов е најевтин од почетокот на кризата, наместо по цена која што е однапред фиксирана.

Дополнително, потребно е и да се преиспита рационалноста на одлуката во ек на економска и енергетска криза да се отпочнува соработка со микропретпријатие од странство, а во исто време, домашна компанија која што вработува повеќе од 2.000 лица се остава без поддршка. Останува да се види, како сите овие државни одлуки ќе влијаат на краток, но и на долг рок и во поглед на трошењето јавни средства и на економски план, меѓутоа, условите и околностите под кои што се „либерализира“ пазарот со природен гас во земјава отвора простор за сомнежи и недоследности.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg