Интервју со Еда Јегиналтај - Курт, член на Управниот одбор на Фондацијата Лимак и член на Управниот Одбор на „Лимак Скопје“

„Нашата мисија е преку Global Engineer Girls да овозможиме што поголем број млади жени да станат инженери“.

intervju-so-eda-jeginaltaj-kurt-chlen-na-upravniot-odbor-na-fondacijata-limak-i-chlen-na-upravniot-odbor-na-limak-skopje-01.jpg

Посветен поддржувач на образованието на младите жени во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ област) и градежен инженер, Еда Курт има над 30-годишно искуство во градежниот сектор, раководејќи со значајни проекти.

Таа е член на Управниот Одбор на „Лимак Скопје“, меѓународната компанија која го гради мултуфункционалниот комплекс „Dimond of Skopje“. Курт исто така е член на Управниот одбор на Фондацијата Лимак, филантропска иницијатива основана во 2015 година со цел да управува со општествените вложувања на Групацијата Лимак.

Во изминатите 7 години, главниот општествено одговорен проект на фондацијата, Engineer Girls of Türkiye, им помага на студентките по инженерство во Турција да градат кариера во инженерството, при што Еда има водечка улога во проектот и е ментор на младите студентки на нивниот пат да станат успешни инженери.

Досега, 710 девојки и млади жени биле поддржани од Engineer Girls of Türkiye, а 120 од нив биле вклучени во практикантска работа. Над 200 ментори досега работеле како дел од иницијативата, нудејќи им на девојките и на младите жени можност да се стекнат со знаење и вештини кои ќе им помогнат за подобар развој на нивната професионална кариера. По успехот во Турција, проектот неодамна се прошири во Кувајт, Косово и Северна Македонија под новото име Global Engineer Girls, кое ја отсликува целта за проширување на неговото влијание на меѓународно ниво.

Студентките запишани на инженерските факултети во Северна Македонија се повикуваат да се приклучат кон иницијативата и да аплицираат на отворениот повик.

Неодамна ја промовиравте иницијативата Global Engineer Girls во Северна Македонија. Кажете ни нешто повеќе за неа.

Поддршка на девојките и младите жени кои сакаат да бидат инженери е основната мисија на иницијативата Global Engineer Girls (GEG). Иницијативата ја спроведува Групацијата Лимак во партнерство со Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Поддршката е наменета за студентките на инженерските факултети во земјава, со цел да ги стекнат вештините, знаењето и практичното искуство, кои се потребни за да изградат успешна кариера во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ област).

Додека инженерските професии долго беа сметани за претежно „машки“, јас мислам дека е неопходно на девојките да им се покаже дека жените исто така припаѓаат во инженерството и да се охрабрат да ги градат кариерите од нивните соништа. Со поддршка на студентките по инженерство за време на студирањето им помагаме да станат посамоуверени и поконкурентни во исклучително тешките услови на пазарот на труд.

Преку Global Engineer Girls студентките се секогаш еден чекор понапред, бидејќи стекнуваат искуство преку практични активности и посетуваат обуки за личен развој. Приклучувањето во GEG е исто така одлична можност за учесничките да се запознаат со начинот на кој ние во „Лимак“ ги извршуваме работите како дел од меѓународна компанија, на тој начин запознавајќи се со поцесите и најдобрите практики што се применуваат во меѓународни рамки.

Преку GEG обезбедуваме стипендии за девојки кои се запишани на инженерски факултети за да овозможиме подобри услови во текот на образовниот процес.

Покрај преку стипендии, на девојките исто така им помагаме да ги развијат личните вештини и да стекнат работно искуство преку програмите за менторство и практикантска работа. Процесот за аплицирање е отворен во периодот од 19. декември 2022 до 8. јануари 2023 и ги повикувам сите заинтересирани да се пријават и да бидат дел од иницијативата Global Engineer Girls.

Каков е трендот на застапеност на девојките на инженерските науки кај нас?

Не треба да паднеме во замката на гледање на ниската застапеност на жените во СТЕМ-областа од чисто територијална перспектива.

Проблемите со кои се соочуваат жените денес, дали во Турција, Северна Македонија или во која било земја во светот, се слични. Тие се движат од родова дискриминација, до општествени предрасуди, кои ги создаваат и одржуваат негативните стереотипи, до разлики во платите, недостаток на менторство и нејасни правила за унапредување.

Кога станува збор за Северна Македонија, радува што сѐ повеќе млади жени и девојки се определуваат за едукација во СТЕМ-областа. Но, иако разликата помеѓу застапеноста на мажите и жените во оваа област постепено се намалува, сѐ уште е силна потребата од поддршка на ваквиот тренд за да се постигнат вистинските ефекти во општеството.

intervju-so-eda-jeginaltaj-kurt-chlen-na-upravniot-odbor-na-fondacijata-limak-i-chlen-na-upravniot-odbor-na-limak-skopje-02.jpg

Бидејќи сум инженер, јас им верувам на бројките. И, иако некои статистички податоци можеби се обесхрабрувачки, верувам дека треба да ги повторуваме за да се потсетиме каква е моменталната состојба.

Каде се наоѓаме? Според официјалните податоци, постои голем родов јаз во учеството во работната сила. Учеството на жените изнесува 45,7 %, а на мажите 67,1 %.

Исто така, голем е и јазот во вработеноста, при што само 38,4 % од жените се вработени, споредено со 55,9 % од мажите. Невклучувањето на жените во работната сила претставува загуба за општеството затоа што тоа значи дека нивната продуктивност не е искористена.

На пример, се проценува дека Северна Македонија губи околу 16% од БДП годишно поради родовиот јаз во економските активности, самовработувањето и претприемништвото. Оттука, има повеќе причини зошто треба да работиме на подобрување на состојбите.

Со поголемо вклучување на жените во работната сила, не само што се зајакнува нивната економската независност, туку истовремено се искористуваат сите потенцијали и иновативни идеи за да се обезбеди поголем општествен развој. Преку нашата иницијатива сакаме уште повеќе да го зголемиме овој тренд и да го затвориме родовиот јаз во СТЕМ-областа.

Ако сега трендот укажува на зголемена потреба на пазарот на труд токму од овие професии, ова прашање станува уште поважно. Искрено се надевам дека преку нашата иницијатива ќе поттикнеме многу млади жени и девојки да изградат успешни инженерски кариери.

Оваа иницијатива започна од Турција, како се роди идејата?

Проектот почна како начин за поддршка на студентките по инженерство со стипендии, менторство и обуки за професионален развој, но, со тек на време, прерасна во иницијатива што јавно застапува родова еднаквост и зајакнување на жените. Идејата произлезе од организациската култура на Групацијата Лимак и од големото залагање на претседателката на групацијата Ебру Оздемир за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ-областа.

Таа е исклучително посветена на ова прашање и несебично работи на унапредување на состојбите. Преку иницијативата во Турција, но и во другите земји каде што е присутна Групацијата Лимак, поттикнавме многу млади жени да ги развијат своите таленти и целосно да го искористат својот вистински потенцијал.

Бидејќи сум вклучена во проектот од самиот негов почеток, за мене беше неверојатно да видам како тој целосно ги менува животите на учесничките и на нивните најблиски. Инспирирани од овој успех ја започнавме оваа иницијатива и тука, со надеж дека преку нашето искуство и знаење ќе придонесеме за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ-областа и за понатамошен одржлив развој на економијата и општеството.

„Лимак Скопје“ го реализира проектот “Dajmond of Skopje”. Колку жени - инженери работат на овој проект?

Во сржта на корпоративната култура на нашата компанија постои длабока посветеност на зајакнувањето на жените, на разновидност и инклузија, особено во доменот на инженерството. Како жена на раководна позиција во индустрија во која доминираат мажи, навистина сум горда што работам заедно со многу други извонредни жени, во компанија раководена од жена, госпоѓата Ебру Оздемир, кој е претседателка на Управниот одбор на Групацијата Лимак.

И во проектот „Diamond of Skopje”, од фаза на проектирање, па сѐ до финална реализација вклучени се голем број жени – инженери, при што талентираната Дидем Дирин е главен архитект на проектот. Навистина верувам дека нашата компанија може да биде инспирација за многу девојки и млади жени кои сонуваат да изградат успешна кариера во СТЕМ-областа.

intervju-so-eda-jeginaltaj-kurt-chlen-na-upravniot-odbor-na-fondacijata-limak-i-chlen-na-upravniot-odbor-na-limak-skopje-03.jpg

Дали во текот на Вашите студии по инженерство имавте ваков вид поддршка?

Кога јас бев студентка, за жал немаше вакви иницијативи, иако тогаш имаше навистина мал број девојки кои избираа да се едуцираат во сферата на инженерството.

Јас бев меѓу ретките и денес имам кариера токму во оваа област, но поддршката од ваков вид ќе беше многу значајна, бидејќи тоа за мене и за другите девојки кои студираа ќе значеше побрзо разбивање на одредени стереотипи во општеството, подобрување на вештините и поврзување со други жени соочени со слични предизвици.

Токму затоа ја покренавме оваа иницијатива, за да обезбедиме поддршка за девојките и младите жени со која ќе им олесниме да изградат успешна инженерска кариера.

Конкурсот е во тек, каков е интересот досега?

Навистина нѐ радува што има голем интерес за нашата иницијатива кај студентките. Само во првите два дена пристигнаа над 30 апликации, а очекуваме дека во следниот период, до завршување на рокот за пријавување, овој тренд ќе продолжи. Ги повикувам уште еднаш сите студентки по инженерство да се пријават и да не се откажуваат од своите соништа, бидејќи со вистински партнери како што сме ние, овие соништа можат да станат реалност.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg