Македонскиот филм „Дедо и внук“ дел од акцијата „На кино со баба и дедо“ на Халкбанк
- Детали
- среда, 14 декември 2022
Супер акција, супер кампања, се надевам ќе стане традиција, честа иницијатива и постарите и помладите заедно да одат на кино. Се надевам дека ќе прерасне во традиција што ќе се негува со години – вели во својата поддршка режисерот Илија Пиперковски.
Битола, 14 декември - Вечер во 19 часот во кино „Манаки“ во Битола ќе биде прикажан македонскиот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперковски. Проекцијата е дел од кампањата „На кино со баба и дедо“, организирана од Халкбанк Ад Скопје.
-Супер акција, супер кампања, се надевам ќе стане традиција, честа иницијатива и постарите и помладите заедно да одат на кино. Се надевам дека ќе прерасне во традиција што ќе се негува со години – вели во својата поддршка режисерот Пиперковски.
Влезот на кинопроекцијата на емотивната семејна драма на Пиперковски, вечер во битолското кино „Манаки“ е бесплатен, а се реализира во соработка со Кинотеката на Македонија.
„На кино со баба и дедо“ е само една од активностите на големата кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“, што Халкбанка ги реализира со цел да го сврти вниманието кон повозрасните сограѓани за да покаже дека се важен дел од општеството. Воедно кампањата ги потсетува помладите дека оние пред нас се важни чувари на мудроста, генерација од која има уште многу што да се научи.
Утре во битолскиот дом за стари лица „Софија“ организаторите најавуваат и игранка за тамошните корисници кои ќе ги забавува еден од најубавите вокали на македонската естрада - Блага Петреска.
Кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ трае до мај следната година и вклучува училишта, градинки, домови за стари лица, здруженија на пензионери, истакнати личности од општествениот и културниот живот. Сите учесници ја подигнуваат јавната свест за значењето на повозрасните луѓе како темел на општество со здрави навики и вредности. Кампањата има и своја веб-страница: www.cuvarinamudrosta.mk.