Ситно до концертот на Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO)! – формацијата по која полуде светот
- Детали
- петок, 09 декември 2022
Одбројуваме до првиот македонски, солистички концерт на Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) или бендот кој важи за еден од најпознатите во традиционалната музичка интерпретација, притоа почитувајќи ги предците додека живеат во сегашноста.
Концертот во рамки на одбележувањето на 10-годишниот јубилеј на бендот е закажан за во недела (11 декември), во Македонската Филхармонија со почеток во 20:00 часот.
„Навистина се радувам што доаѓаме во Скопје, Македонија - земјата која ни даде толку многу музички. Македонските песни се дел од нашиот репертоар, а не е мал и бројот на македонски фанови со кои редовно комуницираме на социјалните мрежи“, вели Иван Ковачевиќ, единствениот член на составот кој потекнува од соседството, односно од Србија, и кој можеби е единствената реална нишка која го поврзува БГКО со овој дел од светот, се разбира, освен музиката.
Дел од оваа меѓународна формација од која произлегуваат најдобрите аранжмани, каде што секој инструмент има свое место и простор, а текстурите и тембрите се фино измешани во служба на секоја песна, од евоцирање емоции до френетичен транс ритам, се и - неверојатната Маргерита Абита од Сицилија (вокал), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон, (кларинет, Шпанија), Пере Ноласк ТуруФернандо Салинас (хармоника, Шпанија).
БГКО во Скопје доаѓаат во недела, а ден претходно ќе се случи нивниот концерт во соседна Бугарија. Веќе на почетокот од следната година, пак, ги очекуваат концертите низ Шведска, Израел...
Концертот во Скопје им е прво доаѓање во земјава, но тоа не ги спречува во репертоарот да имаат неколку македонски теми. Така, освен одличната интерпретација на безвременскиот класик „Море сокол пие“, неверојатната Маргерита ги пее и „Македонско девојче“, „Јовано, Јованке“, потоа песни од кралицата на ромската музика Есма Реџепова – Теодосиевска.
И тоа не е сѐ, БГКО не би биле уникатни и неверојатни во она што го прават ако немаат изненадувања, овој пат велат, ќе има нешто какво што моментот заслужува.
Концертот е закажан на 11 декември во Македонска Филхармонија, а билетите, кои во моментов ги има во мал и ограничен број, може да се купат исклучиво преку продажната мрежа на МКтикетс.
Маргерита и момците неодамна испратија порака на македонски јазик во која велат – Едвај чекаме да дојдеме во Скопје..., а ние едвај чекаме да ја слушнеме во живо формацијата по која полуде светот.