Започнува еден од најголемите танцови проекти во земјата Танц. Трансформатор - Реобмислување на локалната танцова заедница
- Детали
- среда, 07 декември 2022
Битрикс Културен Центар преку „Платформа Битрикс“, а поддржан од Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC) на почетокот на јануари започнува со реализација на првиот од трите циклуси од проекот Tanz.Transformator. Re-imagining our dance community (Танц.Трансформатор - Реобмислување на локалната танцова заедница).
Како што вели и самото име, креаторите на проектот поаѓаат од идејата да се преобмисли локалната современа танцова заедница како обид за надминување на недостатоците, меѓу кои се наоѓа и потребата за генерирање повеќе платени можности за професионалните танчари поради непостоењето на институции кои можат да ги вработат и/или ангажираат континуирано, а со тоа и да се обезбеди континуитет и одржливост на оние кои професионално се занимаваат со танц. Така, проектот предвидува можност за професионален развој и платен ангажман на професионалните танчари од локалната сцена преку продукциски ориентирани резиденции со локални и интернационални кореографи, како и можности за национални и регионални турнеи кои што ќе овозможат континуитет на квалитетен професионален ангажман - неопходен за развојот и афирмацијата на танцовата уметност кај нас.
„По објавување на отворените повици, проектот забележа огромен број на апликации од интернационални кореографи со нејверојатнен квалитет. Истовремено, со проектниот координатор Мааике Феккес и финансискиот менаџер Павел Маслов, одржавме неколку инфо-сесии со танчарите од локалната сцена и интересот е неверојатен. Очекуваме успешна сезона и се радуваме што во рамките на овој проект над 100 танчари од земјата ќе добијат шанса за работа и учество во овој проект. Среќни сме што оваа иницијатива беше препознаена од Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија. Долго време работиме на тоа да ја сплотиме локалната танцова заедница, па се надеваме дека ова ќе биде успешен почеток.“ - забележува уметничкиот директор Ивана Балабанова.
Сите заинтересирани професионални, полу-професионални танчари и студенти имаат можност да се пријават за учество во три дневна работилница која ќе се одвива во периодот од 9-11 јануари 2023 г. во Скопје. По завршувањето на работилницата, на најдобрите 7 ќе им биде овозможено учество во тронеделна, интензивна и платена танцова резиденција под водство на интернационален кореограф која што ќе се зокружи со премиера на танцов перформанс во Скопје на почетокот на февруари 2023г. По премиерната изведба предвидени се уште три репризни иданија на перформансот во три различни градови во државата.
Заинтересираните кандидати можат да се пријават со пополнување формулар за апликација на линкот најдоцна до 1 декември 2022 г.
Здружението на граѓани за образование и обука од областа на танцот и културно-уметнички активности Битрикс Кру, досега познато по своето делување и активност во развојот на полу- професионалната танцова сцена во државата преку платформите Beatrix Dance League и Beatrix Specials, со овој проект го проширува својот фокус кон развојот на професионалната танцова сцена и поставува база/платформа за платен професионален ангажман на уметниците и продуцикцијата на професионални танцови перформанси, а со тоа дирекно влијае врз прогресот на современата танцова култура во државата.