Алтернативни горива добиени од отпад, за почиста животна средина: интервју со м-р. Ана Мазнева Каранфиловска
- Детали
- петок, 02 декември 2022
Отпадот и неговото управување претставуваат горлив проблем кај нас. Нашите депонии се пренатрупуваат и предизвикуваат загадување на околната животна средина. Според хиерархијата во управувањето со отпадот, тој отпад кој не може повторно да се употреби или рециклира може да се претвори за алтернативно гориво во индустријата. Во нашата законска регулатива, производството на алтернативни горива од отпад е дозволено, односно ова е начин да се избегне отстранување на отпад на депонија. За можностите за производство на алтернативните горива од отпад и придобивките од оваа пракса, разговаравме со м-р. Ана Мазнева Каранфиловска - раководител на Секторот за отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање(МЖСПП).
1. Отпадот како алтернативно гориво – што претставува РДФ а што СРФ?
Согласно Член 6 од Законот за управување со отпад, дефиниција за РДФ е „Гориво добиено од преработен отпад“ е преостанат комунален отпад што е во согласност со спецификациите утврдени во писмениот договор помеѓу производителот на горивото и крајниот корисник кој поседува дозвола за третман на отпадот во инсталaција за горење или согорување како што се цементни и варни печки (Residual derivate fuel - RDF), а за СРФ е „Цврсто гориво добиено со преработка на отпад“ е цврсто гориво подготвено од неопасен отпад заради негова употреба за енергија во постројките за горење или согорување, кое е во согласност со класификацијата и барањата утврдени со европските стандарди (Solid recovered fuel-SRF);
2. Какви се тековните практики во користењето на РДФ / СРФ и кои земји во светот најмногу користат отпад како алтернативно гориво?
РДФ може да се користи на различни начини за производство на електрична енергија или како замена на фосилни горива. Може да се користи заедно со традиционалните горивa во електрани на јаглен. Во Европа РДФ се користи во цементната индустријата, односно во цементната печка, каде што се применуваат строгите стандарди за контрола на загадувањето на воздухот според Директивата за согорување отпад. РДФ може да се внесе и во модули за гасификација на плазма лак и постројки за пиролиза. Европскиот пазар за производство на РДФ се зголеми брзо поради европската директива за депонии и наметнувањето на даноците за депонии. Северните земји од Европскиот континент се најголеми конзументи на РДФ. Извозот на гориво добиено одпреработен отпад (РДФ) од Велика Британија на пример изнесува повеќе од 3 милиони тони годишно, истото се испорачува на цементна индустрија или на термоцентарли за добивање на електрична и топлинска енергија.
3. Какви се законските можности за преработка и употреба на алтернативни горива во Република Северна Македонија?
Законот за управување со отпад го регулира начинот на производсво и на користење на алтернативните горива. Значи законска основа има, издадена е една дозвола за производство на РДФ во земјата. Користењето на алтернативните горива како извор на енергија е исто така регулирано и со законот за животна средина.
4. Дали државата има воведено (или планира да воведе) субвенции и/или стимулации за општините, комерцијалниот и/или индустрискиот сектор (компаниите) со цел да го транспортираат отпадот до постројка за прпоизводство на енергија одотпад ( W2E-waste to energy installation)?
Согласно прописите за управување со отпад, создавачот или поседувачот на отпадот се должни да ги сносат сите трошоци настанати при управувањето со отпадот, вклучувајќи ги и трошоците за собирање, транспорт, третман, преработка, складирање, повторна употреба, рециклирање, финално рециклирање, отстранување, депонирање, спречување на создавање на отпад, надзор и мониторинг на отпадот, како и трошоците за мерките за ремедијација и санација на штетата којашто е предизвикана од управувањето со отпадот или штетата којашто би била предизвикана со отпадот.
5. До кое ниво стратешките и плански документи усвоени на национално ниво ја поддржуваат употребата и преработката на отпадот како алтернативно гориво, со цел да се намали количината на отпад што се депонира?
Националните политички документи, како Стратегијата за управување со отпад на Р.Македонија, Планот за управување со отпад на Р.С.Македонија, Планот за спречување на создавање на отпад (во подготовка) поддржуваат, одржување на вредноста на производите, материјалите и ресурсите, што е можно подолго, со нивно враќање во производниот циклус на крајот од нивната употреба, или искористувајќи ги како извор на енергија, минимизирајќи го создавањето на отпад.
6. Дали и во колкава мера новото закнодавство за посебните текови на отпад и отпад од пакување придонесува, да се прошират можностите за повторна употреба на отпадот што не може да се рециклира, со цел да се добие енергија?
Најапрво околу дефинициите: „Повторна употреба“ по дефиниција (член 6 од законот) е секоја активност или мерка со која се обезбедува производите или деловите кои не се отпад повторно да бидат употребени за истата цел за којашто првобитно биле наменети, додека „Преработка на отпадот“ е секоја операција на која главен резултат е отпадот да служи како замена за материјали, кои инаку би биле користени за да се исполни одредена функција или отпадот што се подготвува да ја исполни таа функција, во инсталацијата или за друга економска намена, вклучувајќи и користење како гориво за примарна намена или како некое друго средство за производство на енергија.
Околу хиреархијата во управувањето со отпадот, се применува хиерархија по следниот редослед и приоритет:
- спречување на создавање на отпад,
- подготовка на отпадот за повторна употреба,
- рециклирање на отпадот,
- други типови на преработка на отпадот, вклучувајќи ја преработката заради добивање на енергија и
- отстранување на отпадот.
Ова значи дека се поддржува преработката заради добивање на енергија, но доколку се исцрпат сите други опции. Секако дека во исполнување на националните цели за преработка на отпадот од пакување се засметуваат и количините на отпад кој се искористил за добивање енергија.
7. На кој начи проширената одговорност на производителот, како принцип во управувањето со отпад, придонесува за промени во однесувањето на производителите и доведува до зголемено искористување на отпадот и негово користење за добивање енергија?
Конкретно, преку проширената одговорност на производителот не се регулира употребата на отпадот како енергија. Принципот на проширена одговорност на производителот се однесува на производителот, увозникот или правното лице кое пушта на пазарот на Република Северна Македонија одредени производи кои на крајот на нивниот животен век создаваат отпад, кој припаѓа на посебните текови на отпад согласно со Законот за управување со отпад како и согласно со прописите за посебните текови на отпад, и кој ја оптоварува животната средина. Овие лица се одговорни за неговото управување согласно со закон, односно со закон се уредува видот на одговорноста на производителите по завршувањето на фазата на консумирање на производите што ги пуштиле на пазарот во Република Северна Македонија.