„Крај Вардарот сесии“ - ново музичко изненадување од Аудиокултура
- Детали
- понеделник, 21 ноември 2022
Музиката отсекогаш била инспирација која, зависно од претензиите, склоноста и талентот на поединци, се канализирала во различни форми на креирање и изнаоѓање на најразлични начини за да се сочува и да се направи достапна за репродукција на долг рок.
Во заедничко партнерство, Аудиокултура и Божиновски часовници и накит ги обединија своите креативни идеи инспирирани од музиката и започнаа проект кој освен промоција на квалитетна музика, ќе ја збогати македонската музичка архива со ново винил издание.
Имено, со настап во живо на дуетот Алембик започна реализацијата на проект кој опфаќа вкупно 11 настапи на врвни македонски имиња кои ќе се одржуваат еднаш во месецот во Аудиокултура. За секој од овие настани ќе се документира висококвалитетен аудио и видеоматеријал кој по завршувањето на проектот ќе биде искористен за издавање на винил „Најдоброто од крај Вардарот сесии во Аудиокултура“.
Во акустички совршено уреден простор, специфични и интересни околности, само 50 посетители по настан ќе уживаат во звукот на teoharov audio презентиран преку музика и артисти од издавачката куќа PMGRecordings, како и во сатисфакцијата да бидат дел од процесот на креирање на запис кој ќе биде достапен за широката публика на почетокот на 2024 година.
За сите љубители на музиката и квалитетниот звук, резервациите се отвораат една недела пред почетокот на настанот и можат да се потврдат единствено во Аудиокулура.
Фото: Стефан Рајхл