Секој куршум има мета – кампањата против пукање на веселби продолжи во Општина Теарце
- Детали
- вторник, 15 ноември 2022
Колку далеку може да „патува“ куршум испукан во воздух, што доколку некој присуствува на веселба на која се пука, дали и каде смее да пука лице што поседува дозвола за носење оружје. Ова се дел од прашањата што беа одговорени на денешната блиц-лекција за учениците во општина Теарце, која се одржа во рамки на кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“.
Целта на кампањата што ја реализираат Министерството за внатрешни работи (МВР) и Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП е да ја зголеми свеста за ризиците и опасностите од пукањето на веселби и воопшто од носење и злоупотреба на мало и лесно оружје. На настанот, организиран во соработка со Општина Теарце, присуствуваа голем број ученици и наставници, претставници на месните заедници, советници и други жители на општината.
„Оваа кампања и овој настан нека бидат повод добро да размислиме за последиците од пукањето на веселби. Да ја подигнеме свеста за да ја заштитиме иднината на нашите деца. Ајде да се здружиме во име на безбедноста на граѓаните, да имаме резултат, бидејќи безбедноста на граѓаните не зависи само од институциите, туку и од свеста и однесувањето на секој од нас поединечно. Отсега натаму во нашата општина да не слушаме пукотници за време на семејните собири. Да славиме со срце, а не со оружје“, порача градоначалникот на Теарце, Нухи Незири.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово истакнаа дека континуирано преземаат активности за превенција, откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.
„Апелирам до моите сограѓани и до сите граѓани да се воздржуваат од пукање со огнено оружје затоа што секој куршум испукан дури и во воздух мора да заврши некаде и може да доведе во опасност нечиј живот. Должен сум уште еднаш да ве потсетам дека употребата на оружје е дозволена само на лиценцирани места (полигони), а физичките лица кои имаат лично оружје за кое поседуваат дозвола треба да го чуваат на безбеднио место“, рече Амир Далипи, началник во СВР Тетово.
На денешниот настан беа прикажани видеоматеријалите што ги подготвија МВР и УНДП со цел едуцирање и информирање на населението. Беше поставена и изложбата насловена „Што ако...?“ со наслови од медиумски објави за инциденти предизвикани од залутани куршуми кои нè поттикнуваат да се запрашаме колку лесно ги одминуваме ваквите вести, без притоа да помислиме што ако беше погоден човек.
„Доколку некој сега излезе од оваа сала и пука во воздух, тој куршум за период од 20 до 90 секунди ќе падне на земјата, се разбира во зависност од аголот на пукање. Тоа оловно зрно може да заврши тука во непосредна близина, но и дури три километри подалеку од местото на пукање, во соседното село. Секој испукан кушрум има мета, а таа мета може да биде некое дете кое се враќа од училиште, нечија сестра, нечиј брат, сопруг или сопруга. Затоа, пораката која сакам да ја пренесам денеска е дека секој од нас може да придонесе и да спречи трагедија доколку одбие да биде сведок и дел од прослави каде што се слави со огнено оружје и се пука“, порача заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Сања Бојаниќ.
Кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ се спроведува во исто време во Северна Македонија и во Косово[1] како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“. Овој проект е финансиран од владите на СР Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а e поддржан и од Европската Унија.
[1] Сите референци на Косово се подразбираат во контекст на Резолуцијата 1244 (1999) на Советот за безбедност.