Четири моќни женски приказни на третата вечер од Скопски моден фестивал (фото)

Македонските брендови Herline, Стефанија Насеска, La Maison Cece T. и модната куќа Elena Luka со приказ на најновите колекции го одбележаа крајот на ревиските вечери на манифестацијата што под слоганот „Can you feel the light?!” ќе се одржува до 20 ноември во трговскиот центар Скопје Сити Мол. 

chetiri-mokjni-zhenski-prikazni-na-tretata-vecher-od-skopski-moden-festival-foto-01.jpg

Третиот ден од единствениот моден фестивал во земјата беше отворен со колекцијата на Herline, брендот кој уште едаш потврди дека женственоста може елегантно да се изрази и во спортски парчиња облека. Ревијата започна со музичкиот настап на поп ѕвездата Викторија Лоба, која заедно со моделите прошета низ синиот тепих на дефилето. Освен најновата линија на тренерки, колекцијата „Revelation“ откри и нови едноделни костими за капење со софистициран дизајн.

По возбудливите креации на Herline, публиката се подготви да го проследи „ослободувањето“ на популарната македонска дизајнерка Стефанија Насеска. Поттикната од општествените случувања на глобално ниво,таа преку „Liberty“ издиктира футуристички, ексцентрични и авангардни трендови за смелите девојки. Бунтовни креации, како фустан со фантомка во неонско розова боја, што истовремено означуваат борбеност, свест, а и ја обликуваат женската силуета. 

„Колекцијата е осврнување кон светлината и комфорот како непрекинат поглед кон убавото. Микс на минатото и сегашноста со поглед кон иднината.“, истакна Насеска. 

Вториот дел од вечерта продолжи со третата ревија, кога синиот тепих го осветли игривата елеганција на La Maison Cece T. Овој пат, дизајнерката се претстави во сосема поинакво светло преку „Metamorphosis“, а во центарот на вниманието беа тоалети и комплети надополнети со крзна и кожени мантили. Вистинскиот гламур го донесоа и црната, розовата и црвената како главни бои на колекцијата. 

Гламурот што плени продолжи низ подиумот на ревијата на модната куќа Elena Luka, која со сиот раскош го заокружи ревијалниот дел на Скопски моден фестивал. Божиците и нимфите од грчката и римската митологија за момент беа присутни во главниот град, оживувајќи преку колекцијата „Satin Dream“. Нежни земјени и златни тонови во лелеава свила и рачно изработени орнаменти се дел од најновата грациозна линија за пролет/лето 2023, која брендот ја претстави пред многубројната публика на настанот. 

„Архитектурата, скулптурите и декорациите од старата грчка и римска уметност, вешто се преточени во модернизирана линија на ексклузивни тоалети кои на современите дами кои бараат смел и атрактивен дизајн, им ја овозможуваат привилегијата да се почувствуваат како вистински божици,“, изјавија оттаму. 

За шминката на моделите се погрижи креативниот тим на Make up Factory, предводен од визажистите Милена Косиќ, Сашка Мирчевска – Sashions, Васе Доковски и Андријана Сребренова, додека за нивните фризури е заслужен тимот на Bube Studio In и производите на Revlon Professional. Чевлите се од последните колекции на N Fashion, Arthur’s и Adams and Friends.

Сите ревиски денови, веганските специјалитети на ресторан Два Елена и Garden Gourmet ја надополнија убавата атмосфера во бекстејџ, а гостите на фестивалот имаа шанса да дегустираат од сортните вина на Pulkavec Family Wines.Светлината наиде на најсилен одблесок во огледалата на MG Art, како на сцената, така и зад неа. За споделување на најубавите моменти од настанот, официјален дигитален партнер на втората сезона е телекомуникацискиот оператор MTEL 

Најголемото модно случување во градот продолжува денес, со отворање на изложбениот салон во кој ќе бидат поставени креациите на сите учесници на фестивалот. Неделната програма почнува со дегустација на вино и богато музичко мени. Автори на фотографиите се Антонио Станков и Марко Вилиќ.

Фотографии од настанот:

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg