Домашните дизајнери со светски креации на Скопски моден фестивал (фото)
- Детали
- сабота, 12 ноември 2022
Со ревиите на Мелани Дигит, Сара Реџиќ, Ателје Краљевски и Роберт Ивановски, се заокружи и вториот ден од најголемиот моден настан во земјата, кој до 20 ноември ќе се одржува во трговскиот центар Скопје Сити Мол.
Прва на сината писта продефилира колекцијата „Фигура“ на Мелани Дигит. Апциклираните капути, мантили и бунди се новитет во нејзината работа, а деби ревијата пред скопската публика проговори за реобновлив текстил што на циркуларен начин се претвора во авангардна колекција. Во соработка со македонскиот бренд за долна облека Sara Fashion, унисекс фигурите на Дигит покажаа дека добрата креација трае вечно. Дизајнерката преку најновата серија ја потврди суштествената значајност на одржливата мода.
Понесена од хипи движењето како автентичен печат на нејзиниот бренд, добро познатата дизајнерка Сара Реџиќ повторно произведе специфична колекција со традиционални плетива и мноштво дезени како лајтмотив. Низ сите триесет изгледи од „Јесенија“ се провлекува шаренолик израз на силни апстракции конкретизирани во уметничко парче облека.
„Колекцијата е романтична и одржлива приказна која трае повеќе од деценија и продолжување на сè она што со години го работам. Во секоја креација се препознава и чувствува мојата љубов кон правењето облека.“, сподели Реџиќ.
Веднаш потоа сите рефлектори се насочија кон приказната на ателјето Краљевски, што пред фестивалската публика даде неосекојдневен приказ на нослива ексцентрика. Металик фустани, капути од змиски принтови и тантела здолништа беа дел од безграничната креатива што вчеравечер доживеа спектакуларно модно дефиле.
Крајот на втората вечер го означи Роберт Ивановски, а ревијата на асиметрична машка линија пренесена во единаесет модели, постави нови темели на машката мода. Присутните имаа можност да погледнат возбудливи креации со едноставна, а сепак драматична естетика што плени. Кралско сината и црна се доминантните бои на бескомпромисните парчиња што излегуваат надвор од границите на секојдневното. Истовремено, колекцијата „X|“ зрачи со удобност за лесни дижења и удобност во она што се носи.
„Брендот создава современа облека за урбани луѓе, кои имаат тенденција да вклучат уметност и безвременски дизајн во нивното секојдневие. Модерен и минимален гот дизајн се главните карактеристики за нашиот стил“, изјави Ивановски.
За шминката на моделите се погрижи креативниот тим на Make up Factory, предводен од визажистите Милена Косиќ, Сашка Мирчевска – Sashions, Васе Доковски и Андријана Сребренова, додека за нивните фризури е заслужно студиото Social Hair Salon и производите на Revlon Professional. Чевлите се од последните колекции на Nine West, Arthur’s и Super Mode.
За споделување на најубавите моменти од настанот, официјален дигитален партнер на втората сезона е телекомуникацискиот оператор MTEL. Сите ревиски денови, гостите и екипата на фестивалот се освежуваат со Rey – вода за сите генерации и новиот пијалак од линијата миксери на Schweppes - Schweppes Pink Mixer Style.
Денешната последна ревиска вечер од фестивалот, зраците светлина ќе ги насочи кон нежноста на женствените тоалети од модната куќа Еlena Luka и La maison Cece T., брендот HERLINE ќе даде увид кон спортската елеганција на дизајнот, а тука ќе биде и револуционерниот тренд земен од реалноста и пресликан во колекцијата на Стефанија Насеска.
Автори на фотографиите се Антонио Станков и Марко Вилиќ.
Фoтографии од настанот: