Парламентарниот караван во 13 градови ја зајакна отвореноста и одговорноста на собранието

Скопје, 11 ноември 2022. Со завршниот настан денеска во Скопје, беше заокружен караванот „Собрание за граѓаните“ во чии рамки беа посетени уште 12 градови низ земјата. Активностите започнаа во Штип, на 25 октомври, а потоа продолжија и во Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Кочани, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Дебар и Гостивар. Во присуство на пратеници од скопските општини, караванот заврши денес во паркот Жена-борец. Завршниот настан се одржа на истиот ден (11 ноември) кога беа одржани првите парламентарни избори во земјава по воведувањето на политичкиот плурализам во 1990 година.    

parlamentarniot-karavan-vo-13-gradovi-ja-zajakna-otvorenosta-i-odgovornosta-na-sobranieto-01.JPG

Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

За времетраењето на караванот, граѓаните изминатите недели имаа можност да се стекнат со знаења на теми како историја на парламентаризмот, процесот на донесување закони, мандат и имунитет на пратениците, односи со другите институции на власта, организација и функционирање, парламентарни избори, како и политичка контрола и надзор над Владата од страна на Собранието.

- Законодавните и надзорните улоги на Собранието се посилни кога се слуша гласот на граѓаните и нивните ставови се застапени од страна на пратениците во Собранието. Граѓаните можат да учествуваат во демократијата во Република Северна Македонија не само со гласањето на изборите, туку и преку споделување идеи и прашања што ги загрижуваат со нивните избрани претставници - истакна Роберт Скот Хејзлет, тим-лидер на „Програмата за парламентарна поддршка“.

parlamentarniot-karavan-vo-13-gradovi-ja-zajakna-otvorenosta-i-odgovornosta-na-sobranieto-02.JPG

Во текот на караванот, учениците преку свои илустрации и пораки го споделија својот креативен и уникатен поглед на законодавниот дом. На секоја од локациите од караванот учествуваа и пратениците од општините, а граѓаните со нив отворено разговараа и разменија мислења. Освен едукативна, активностите имаа за цел зголемување на отвореноста и отчетноста на Собранието.

„Овој караван е еден поинаков начин за приближување на начинот на функционирање на законодавниот дом и на самите пратениците на Собранието на Република Северна Македонија до граѓаните чиј што легитимитет и го уживаат во собраниските клупи. Ова е дополнителна можност за тие граѓани да се запознаат со избраните пратеници од нивните изборни единици во градовите во кои живеат и работат“, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg