Пејзажно уредување: Мали тајни на големите мајстори
- Детали
- петок, 28 октомври 2022
Хармонично распореденото богато зеленило, складно компонираните големина, боја и текстура на растенијата, секојпат моќно градат атмосфера во која се чувствуваме убаво и релаксирано. Времето поминато во убаво уредена градина е откровение, споредено со спокојот и позитивните вибрации "спечалени" од престојот во таквата средина.
Убаво уредените градини се императив за секој еден од нас, особено доколку поседуваме простор за таа намена. Независно од можностите и желбите некој друг да ја уреди нашата градина, а поривот и задоволството се неизмерни доколку тоа го направиме самите.
За сите оние кои го делат ова размислување и се на пат да ја реализираат својата идеја. Споделуваме неколку тајни на големите Пејзажисти, за кои веруваме дека ќе бидат инспиративни за Вас.
ЕФЕКТ НА СКРИЕНА ОАЗА
Колку пати со воодушевување сме реагирале доколку наеднаш се најдеме во простор кој однадвор не се наѕирал или едноставно, не е својствен за опкружувањето.
Тој ефект на скриена оаза не е за занемарување, лесно се постигнува и има многу секундарни придобивки
На пример посадете растенија за жива оградата која ќе ја одгледате на височина над видното поле. Или посегнете по друг тип на непровидна ограда од метал, дрво, рогозина или камен?
Во внатрешноста на поголемите дворови оваа техника исто така пожелно е да се искористи. Имено не е интересно, доколку уште од влезната порта може да го скенираме целиот двор. Со грмушести растенија, подигнати густи композиции од складни видови или со поинаку поставена патека на движење, направете дворот постепено да се открива, движењето низ него да биде `претстава`.
ОБЕДИНЕТЕ ГИ РАСТЕНИЈАТА
За да постигнете поголем, масивен ефект во просторот, или за да истакнете нешто поголемо групирајте повеќе еднородни растенија на одреден простор. Како на пример: Цветна леа од едногодишен цв.расад ; Бордура или група од хортензии, лаванди, сончогледи итн. Неправилна површина под дрвја или различни растенија со среден раст – обединете ги со тоа што земјата под нив ќе ја посадите со еднородни растенија покривачи (перени,декоративни треви, ниска смрека,котонеастер,зеленика и сл. )
СЛЕДЕТЕ ЈА АРХИТЕКТУРАТА НА ПРОСТОРОТ
Ако не сте доволно смели да експериментирате и воедно сте љубител на формално уреден простор. Следете ја архитектурата на партерот и објектот. Отворете колонада или бордура од ниски растенија покрај патеката во дворот.
Имитирајте дрворед од растенија со среден или висок раст покрај оградата, патеката за возила или паркингот ? Означете го со растенија симетрично влезот во дворот или тремот во куќата?
Истакнете ја вертикалата на објектот, во непосредна близина покрај фасадата посадете дрво со тесна пирамидална крошна?
ДЕКОРАТИВНА ПОКРИВКА ИЛИ МУЛЧ
Употребата на градинарски додатоци во овој случај покривка од дробен камен или кора имаат двеголеми одлики, тие се декоративни и корисни.
Вообичаено прво површината се покрива со агрофолија (која пропушта вода, а спречува развој на коров) и потоа врз неа се нанесува покривката од дробен камен или дрвени деланки во боја, во слој од 2- 5см . При употреба на природна дробена кора или шишарки истите се распоредуваат под растенијата директно врз земјата во слој од 5-10см. Бидеќи при процесот на разградување на кората се инхибира развојот на плевелите и многу хранливи материи се впиваат непосредно во кореновата зона. Покриените површини поготово оние кои се оградени со јасен ивичник-лајсна од пластика или друг материјал се многу впечатливи и притоа оддаваат ефект на високо елегантно уреден простор. Дополнително сите покривки допринесуваат за намалено испарување на влагата од почвата.
Градинарски апел: под растенијата во тревни парковски површини користете покривки со (боја на земја) пример сиви, кафено светли или темни тонови до бордо-црвени. Не користете бел мермер или варовник, бидејќи со него подлогата е неприродно пренагласена и делува многу китнесто. Дополнително лесно се валка, само после неколку месеци изгледа грдо и напуштено. Ова не важи доколку декорираме посебно стилизиран партер, жардиниери или ентериер.
НАПРАВЕТЕ ПРИКАЗНА
Сочинете ја градината од ретки невообичаени растенија, растенија поврзани со Вашите блиски или значајни моменти од Вашиот живот. Оваа `емотивна техника` доколку се користи дозирано или адекватно и функционално во просторот зрачи со една поинаква вредност на многу повисоко ниво.
Не ја препорачуваме за прекумерна и несоодветно употреба во мал простор. На пример: Овој Даб го посадил дедо ми, на неговите гранки се лулаат неговите внуци; Кога се венчавме ја посадивме оваа Магнолија; Оваа колекција од Хризантеми е наследство од баба ми. На денот на нашата куќна слава на поклон ја добивме оваа прекрасна елка; Оваа липа ја посадив кога се вработив , сега заминувам во пензија и конечно процвета да ја помирисаме и набереме за чај......
ЗАСУКАЈТЕ РАКАВИ
Охрабрете се да делувате во вашиот простор. Растенијата во дворот причинуваат амбиентот да се менува, да биде динамичен и величенствен. Правилно концептуално уреден двор и со помлади растенија ветува и радува многу. Бидејќи тајната на убаво уредените градини е сочинета од редовно, посветеното, одгледување и одржување..
За овие и многу други применливи концепти, техники и вештини на уредување советувајте се или набавете проект од Пејзажните дизајнери во Градинарскиот центар Фоја .