Светска премиера на „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро

svetska-premiera-na-preeksponirano-na-eleonora-veninova-na-megjunarodniot-filmski-festival-vo-kairo-01.jpg

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ ќе се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро (Cairo International Film Festival), кој се одржува од 13 до 22 ноември.

-Денеска најавуваме дека мојот прв долгометражен филм „Преекспонирано“ ќе има светска премиера на 44. Меѓународен филмски фестивал во Каиро, кој што е еден од петнаесетте акредитирани А фестивали во светот и за мене е голема чест и привилегија. Овој филм е проект на кој работам десет години, од тогаш датира првата верзија на сценариото кое е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, и по неколку измени дојдовме до оваа конечна верзија на сценариото која ја снимивме. Бевме први кои снимаа во време на пандемијата, во услови на карантин, но задоволни сме и со нетрпение очекувам да и го претставиме и на публиката, рече Елеонoра Венинова, режисерка на филмот.

Венинова потенцираше дека станува збор за драма, делумно инспирирана од вистински настани. Приказната, како и останатите мои филмови има личен момент и говори за брачна двојка која престојува во викенд куќа во Охрид и нивниот мир и брачна идила е нарушена од тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Тие двајца ќе се доведат во ситуација да го преиспитаат својот брачен живот. 

svetska-premiera-na-preeksponirano-na-eleonora-veninova-na-megjunarodniot-filmski-festival-vo-kairo-02.jpg

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климовска. Кинематографер: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, сценарио: Елеонора Венинов, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, режија Елеонора Венинова, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија).

За актерката Сара Климовска ова е прва соработка со Венинова и вели дека процесот одел без проблеми.

-Првите две недели снимавме со маски, две недели бевме во комплетна изолација, ги почитувавме сите протоколи и се помина во најдобар ред, рече Климовска.

svetska-premiera-na-preeksponirano-na-eleonora-veninova-na-megjunarodniot-filmski-festival-vo-kairo-03.jpg

За Благој Веселинов особен впечаток оставила работата во време на пандемијата и смета дека филмот има нешто поразлично што досега не го видел во друг македонски филм, има внатрешна емотивна борба со која се соочуваат актерите.

-Овој филм ми е многу драг бидејќи дотогаш никој не снимаше, беше пандемија и сите се прашувавме што ќе се случува понатаму, како ќе работиме. Елеонора и Крале ги зедоа работите во свои раце и среќен сум што успеав да го одвојам Благој Веселинов од ликот кој што го играм во филмот. Тоа за мене е голема среќа, а понатаму публиката ќе го каже своето мислење, рече Веселинов.

Филмот е снимен со поддршка од Агенцијата за филм, од Еуроимаж и Српскиот филмски центар.

-Драги филмаџии може да се гордеете со нашите филмови, нашата култура, со македонскиот јазик затоа што ако погледнеме наназад во изминативе месеци каде се беше присутен македонскиот филм и македонскиот јазик, ќе забележиме дека беше во Северна Америка, Европа, за две недели одиме во Токио, сега добиваме убава информација дека се селиме и на Африканскиот континент. Кај мене, како директор на Агенцијата за филм чувството е прекрасно бидејќи македонскиот филм стана најголем амбасадор на македонската култура, рече Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм, честитајќи им на успехот на тимот.

svetska-premiera-na-preeksponirano-na-eleonora-veninova-na-megjunarodniot-filmski-festival-vo-kairo-04.jpg

Лазаревски увери дека ќе продолжат да финансираат успешни млади автори од Македонија и дека тие и понатаму ќе не претставуваат низ светот.

-Моја најголема желба е не само да продолжи поддршката на млади автори, туку и да се зголемува затоа што ова што тие го прават не прават горди нас, како Агенција за филм, но и целата јавност, потенцираше Лазаревски.

Продуцентот Гоце Кралевски информираше дека покрај светската премиера на филмот, очекуваат набргу и европска премиера, исто така на голем меѓународен фестивал од А категорија, а на пролет филмот ќе може да го погледне и македонската публика.

-Да не беше оваа добра екипа немаше да направиме вака добар филм, бидејќи сметам дека филмот е онолку добар колку што е добра екипата која стои зад него, рече Кралевски.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg